• петок, 20 декември 2024

Протест на француските земјоделци поради договорот за слободна трговија со Меркосур

Протест на француските земјоделци поради договорот за слободна трговија со Меркосур

Париз, 18 ноември 2024 (МИА) - Француските земјоделци денеска протестираат на улиците во знак на осуда на предлогот за договор за слободна трговија со земјите членки на Меркосур, а францускиот претседател Емануел Макрон при посетата на Јужна Америка изјави дека е против предлогот и дека Франција нема да го потпише договорот „во сегашната форма“.

„Му реков на претседателот на Аргентина дека Франција нема да го потпише пристапниот договор за Меркосур како што е сега“, рече Макрон на маргините на посетата на Аргентина, пренесува БФМ ТВ.

Претседателот на Синдикатот на млади земјоделци, Пјерик Орел, рече дека 85 отсто од демонстрантите во моментов се на улица, но посочи дека немаат намера да ги блокираат патиштата, како што тоа беше случај на минатогодишните протести.

Тој додаде дека ќе се постават „пропустливи“ барикади.

Министерот за внатрешни работи Бруно Ретахо ги предупреди земјоделците кои протестираат дека нема да имаат никаква толеранција во случај на „трајна блокада“ на патиштата.

Претседателот на главниот синдикат на земјоделците (FNSEA), Арно Русо, изјави дека денешните протести, кои ги повикаа повеќе професионални синдикати, немаат за цел да ја „блокираат земјата“, туку да ја пренесат пораката до Французите дека земјоделскиот сектор денес е во итна ситуација, „на некои места дури и драматична“.

До вторник се планирани 82 акции низ Франција, најмногу пред седиштето на градските администрации. Изгледите за потпишување трговски договор меѓу ЕУ и земјите од Меркосур го влошуваат незадоволството на француските земјоделци поради странската конкуренција што предизвика криза во секторот на почетокот на оваа година. Притисокот од ЕУ и јужноамериканскиот блок Меркосур да склучи долгорочен трговски договор до крајот на годината предизвика гнев во Франција.

Предлогот за договор за слободна трговија меѓу ЕУ и Меркосур ветува повеќе отворање на европскиот пазар за производи од Јужна Америка, што го вознемирува францускиот земјоделски сектор, јавуваат француските медиуми.

Француските фармери стравуваат дека договорот на Меркосур ќе донесе повеќе говедско месо, пилешко, шеќер и пченка од Бразил и Аргентина, земји за кои тврдат дека користат пестициди на земјоделските култури и антибиотици во сточарството, кои се забранети со закон во Европа. паг/

 

Остани поврзан