• недела, 22 декември 2024

Протест на слепите лица пред Владата - „Дајте ни ги правата“

Протест на слепите лица пред Владата - „Дајте ни ги правата“
Скопје, 14 септември 2022 (МИА) – Со паролата „Дајте ни ги правата", Националниот сојуз на слепите на Република Северна Македонија (НССРСМ) денеска одржа протест пред Владата.Слепите лица побараа зголемување на додатокот за попреченост и за помагала, како и средба со премиерот Димитар Ковачевски. Претседателот на Националниот сојуз на слепите, Бојан Селковски истакна дека протестот следи откако на разговорите со Министерството за труд и социјална политика и со претставници од Влада не биле најдени заеднички решенија. -Бидејќи не најдовме решение на разговорите, веќе подолго време бараме прием кај премиерот за да ги искажеме нашите барања, а тоа се додатокот за попреченост да биде четириесет отсто од просечната плата во државава, триесет отсто туѓата нега од просечната плата и помагала, бидејќи сме единствена држава на оваа земјина топка каде слепите немаат никакви права за помагала, рече Селковски. Тој истакна дека за десет години и покрај соочувањето со кризите, добиле зголемување од само 500 денари на додатокот. -Додатокот седум илјади беше пред 10 години, сега е 7500, туѓата нега беше 4.000, сега е 4700, затоа бараме трајно решение, бидејќи во други држави се врзани со просечната плата. Нашите додатоци се врзани со животни трошоци, досега од пред 10 години кога го остваривме тоа право беше 40 отсто од просечната плата, а сега знаеме колку статистиката вади за животни трошоци и е нереално. Со слепите лица и инвалидите на улица, не можеме да одиме во Европа. Во овие кризи најмногу сме запоставени инвалидите, а пред се слепите лица, изјави претседателот на Сојузот. Тој додаде дека не постои официјална статистика за тоа колку лица се засегнати со овие проблеми, но дека отприлика станува збор за 10.000, вклучувајќи ги сите заедно со сите приматели на правото на попреченост. Селковски изрази надеж дека премиерот ќе ги повика на средба. Но, рече дека доколку не добијат никаков одговор ќе го свикаат Извршниот одбор и ќе се одлучи кои ќе бидат следните чекори. По завршувањето на протестот од Министерството за труд и социјална политика за МИА информираа дека е закажана средба на која ќе се дискутира за потребите со кои се соочуваат слепите лица. свс/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан