• петок, 22 ноември 2024

Протести и уапсени во Израел поради смената на министерот Галант

Протести и уапсени во Израел поради смената на министерот Галант

Тел Авив, 6 ноември 2024 (МИА) - Во Ерусалим и Хаифа се уапсени пет лица кои учествувале на протестите поради одлуката на израелскиот премир Бенјамин Нетанјаху да го смени министерот за одбрана Јоав Галант, соопшти израелската полиција.

-Тројца демонстранти се приведени во Ерусалим поради напад на полицијата и пробивање на бариерите во близина на улицата Аза каде демонстрантите се собраа пред резиденцијата на Нетанјаху, се вели во соопштението на полицијата, пишува „Тајмс оф Израел“.

Потврдено е дека автопатот 1 кон главниот град, кој демонстрантите го блокираа со камења, повторно е пуштен за сообраќај.

Полицијата во Хаифа соопшти дека две лица се уапсени, меѓу кои и еден демонстрант осомничен за намерно подметнување пожар на автопатот.

-Некои од демонстрантите се судрија со полицијата, а во одреден момент почнаа да се движат кон автопатот за да го попречат сообраќајот, се вели во соопштението на полицијата во Хаифа.

Во Тел Авив полицијата ги засолни демонстрантите додека тие протестираа против одлуката на премиерот на автопатот Ајалон, кој беше блокиран неколку часа. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан