• вторник, 05 ноември 2024

Протестен марш за „Јавна соба“: Жртвата никогаш не е виновна

Протестен марш за „Јавна соба“: Жртвата никогаш не е виновна
Скопје, 3 февруари 2021 (МИА) –  Тука сме бидејќи не сме безбедни, дома, на училиште, на факултет, на улица, на социјалните мрежи. Тука сме бидејќи се плашиме да пријавиме насилство во полиција, со овие зборови започна денешниот протестен марш организиран од Платформата за родова еднаквост, за поддршка на жртвите од групата „Јавна соба“ пред Министерството за внатрешни работи. Барањата на денешниот протест беа соодветни казни за администраторите на групата, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Исто така од Јавното обвинителство се бара неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, што претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Организаторите инсистираат сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик и да се даде соодветна грижа за жртвите од надлежните институции. Ана Колева, девојката која пред една недела се охрабри и јавно проговори за нејзиниот случај со „Јавна соба“ се обрати на денешниот марш. Колева истакна дека нејзиниот глас беше гласот на сите девојки кои страдале и трпеле или во иднина ќе трпат насилство. -Доволно беше молк, време е да се разбудиме каде живееме, кого имаме до нас, какви работи поддржуваме. Нека ова биде почеток на големи промени што ќе се случат во ова општество. Да се донесе закон, но тој закон да се применува.  Да се едуцираат институциите и секој човек како треба да се однесува за да може да имаме поубаво и посреќно општество за нас, но и за идните генерации, порача Ана Колева. Со паролите „Жртвата не е виновна“, „ТИ си насилникот“, „ Додека жените не се слободни сите сме заробени“, „Непостапување е насилство“, демонстрантите се упатија кон Јавното обвинителство. Пред Јавното обвинителство се извикуваше „Разбуди се ОЈО“, а своето обраќање го имаше адвокатката  Марта  Гусар,која застапува  жртви на сите видови насилство, но исто така и самата таа е жртва на „Јавна соба“. -Мојот број беше споделуван за дискретни „средбички“ така ми пишуваа. Нормално кога мојот број беше споделен во групата не можев да се соземам дека мене ми се случува тоа, а може да се случи на секого. Веднаш пријавив и секако јас како адвокат си ги знам правата и знам како да се заштитам, меѓутоа не секој знае како да се заштити и да постапи на ист начин како јас, изјави Гусар. Таа објасни дека во рок од два часа биле пронајдени сторителите и кој го споделил бројот и апелираше до сите институции да има еднаков третман за жртвите кои знаат како да се заштитат како и за тие кои не знаат како да постапат во таква ситуација.  Посочи дека нејзиниот случај е базиран на одмазда од страна на насилник на жртва што Марта ја застапува. Јавна соба не е забава, тоа е кривично дело и мора да се третира како такво.  Марта апелираше до сите жртви кои ќе дознаат дека се објавени во групата веднаш  да ги запишат броевите и да пријават во полиција, со разговорот што се одвивал како доказ, со цел да се заштити жртвата. Групата „Јавна соба“ што брои околу 6.000 членови се појави пред една година, а институциите информираа дека се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот и затворање на групата. Неодамна, групата повторно стана активна, а Колева прва проговори за нејзините фотографиите што биле споделени во групата. Од Владата посочија дека повторно работат на решавање на случајот и  уапсени се четири лица. Премиерот Зоран Заев изјави дека доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина како и детска порнографија, ќе ја разгледаат и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија. ки/мс/

Остани поврзан