• понеделник, 23 декември 2024

Пронајдено телото на вториот пилот од урнатиот воен хеликоптер во Хрватска

Пронајдено телото на вториот пилот од урнатиот воен хеликоптер во Хрватска
Загреб, 28 јануари 2020 (МИА) – Во Зларинскиот канал, во Јадранско море, пронајдено е и телото на вториот пилот на воениот хеликоптер кој се урна вчера на хрватскиот остров. Претходно, во текот на вчерашниот ден беше пронајдено едно тело, кого спасувачите околу пладне го извлекле од морето. Во потрагата беа вклучени седум бродови и хеликоптер, а во вечерните часови и подморница на Хрватската воена морнарица, како и оперативните служби на Министерството за внатрешни работи. До падот на хеликоптерот Kiowa ОХ-58  дојде за време на тренажен лет, кој почнал околу 10.30 часот. Хеликоптерот се урна половина час по полетувањето. Хрватското Министерство за одбрана вчера информира дека се преземаат сите мерки и активности со цел пронаоѓање и спасување на екипажот. На прес-конференција беше посочено дека не е позната причината за падот на хеликоптерот. Началникот на главниот штаб Мирко Шундов рече дека сите летови со хеликоптери од тој тип ќе бидат прекинати, се додека не се дознае причината за несреќата.
Командантот на Хрватското воено воздухопловство Михаел Крижанец рече дека хеликоптерот летал на мала височина од непознати причини и се урнал. Според него, другиот хеликоптер со кој заедно летале останал на местото на настанот, а екипажот повикал помош.
Крижанец додаде дека хеликоптерот што падна во морето е произведен во 2011 година со вкупно време на летање од 520 часа од годината на производство. Хрватска на крајот на 2016 година набави 16 хеликоптери Kiowa, донација од САД. Тие беа произведени од 2010 до 2012 година. паг/  

Остани поврзан