• вторник, 05 ноември 2024

Промоција на „Скопски разговори“ на Свето Стаменов и Милан Јазбец

Промоција на „Скопски разговори“ на  Свето Стаменов и Милан Јазбец

Скопје, 9 септември 2021 (МИА) - Во чест на 30-годишнината од независноста на Република Северна Македонија и 30-годишнината од независноста на Република Словенија денеска во Домот на културата „Илинден“ во населба Илинден ќе биде промовирана книгата „Скопски разговори“ на Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио - Радио Скопје и еден од најплодните македонски публицисти, и проф. д-р Милан Јазбец, поранешен амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија и еден од најпознатите словенечки дипломати - припадник на првата генерација словенечки дипломати, универзитетски професор, писател и поет.

Како што истакнува авторот Свето Стаменов во најавата, книгата „Скопски разговори“ претставува своевидна збирка од 20 радио - интервјуа реализирани во рамките на редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио - Радио Скопје од март 2018 до август 2020 година, односно во еден од несомнено најинтензивните периоди во македонската внатрешна и надворешна политика, исполнет со многу предизвици и искушенија како на внатрешно - политички, така и на меѓународен план. Впрочем, тоа е периодот на македонската демократска трансформација, на забрзано отворање кон светот како резултат на новата македонска надворешна политика и на интензивирање на македонските евро и евроатлантски интегративни процеси, кои во март 2020 година резултираа со полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО - сојузот. Амбасадорот Јазбец не само што беше непосреден сведок, туку и активен учесник во некои од тие историски процеси, па затоа со полно право може да се каже дека „Скопски разговори“ се и своевидно сведоштво, па дури и беседа на еден странски амбасадор (во случајот словенечки) за промените во македонската надворешна политика, за развојот на македонско - словенечките односи, за активностите на словенечката амбасада и, во тие рамки, и за самата негова работа како амбасадор на пријателска Словенија.

Дел од интервјуата се посветени и на литературното творештво на Милан Јазбец и на неговата активност како промотор на тнр. културна дипломатија и на развојот на македонско – словенечките културни врски, за што најдобро говорат престижното Почесно Рациново признание за афирмација на македонската култура и јазик во странство за 2019 година и македонските изданија на неговите дела „Мартин Крпан - дипломат и воин“, „Виножитото над душата“ и „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“. Покрај тоа, неговите скопски години беа одбележани и со голем број културни настани во кои тој беше активен учесник, но и со голем број авторски текстови и есеи. Токму затоа и вториот дел на „Скопски разговори“ е посветен на неговите скопски есеи, во кои доминираат есеите за првата македонска поетеса Даница Ручигај, за уметниците Јоже Циуха и Мице Јанкуловски и за великанот на современата македонска култура Блаже Конески.

Имајќи го предвид сето ова, несомнено е дека книгата „Скопски разговори“ на Свето Стаменов и Милан Јазбец претставува драгоцен документ - хроника на еден од најзначајните периоди во тридецениското постоење на Македонија како независна и суверена држава, членка на ООН, полноправна членка на НАТО и земја - кандидат за членство во Европската Унија, но истовремено и своевидно мементо на една извонредна журналистичка соработка и на преку неа развиено искрено пријателство.

Промотори на книгата „Скопски разговори“ ќе бидат проф. д-р Трајан Гоцевски, универзитетски професор, министер за одбрана во првата влада на независна и суверена Република Македонија и актуелен член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, Раде Силјан, поет, есеист, критичар и преведувач и Зоран Иванов, новинар и публицист, а со пригодна беседа ќе се обратат Милан Предан, амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија и градоначалникот на Општина Илинден м-р Жика Стојановски. Промоцијата ќе биде збогатена и со пригодна културно-уметничка програма.фф/вј/

Остани поврзан