Промоција на романот „Фобос“ од Соња Станковска
- Структуриран како куќа со три „ката“ и составен од девет тематски раскази, романот претставува експериментален жанровски хибрид што комбинира фикција, алегорија, дигитална сатира, критичка теорија и филозофски рефлексии. На првиот кат, стравот се појавува во својата заводлива форма, преку општествените очекувања, медиумските клишеа и културните стереотипи. Вториот кат е технолошки, каде стравот се автоматизира, станува код и дел од систем без емоција, но со моќ. На третиот кат, тој е тивок, интимен и длабоко човечки – впишан во нашите неуспеси, спомени и надежи.
Скопје, 10 ноември 2025 (МИА) - Романот „Фобос“ од Соња Станковска ќе биде промовиран вечер во бифето на МКЦ. Романот е објавен како книга број 240 во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа „Или-Или“. Настанот ќе го води уредникот Ненад Стевовиќ, а книгата ќе ја претстави писателката Фросина Пармаковска.
Структуриран како куќа со три „ката“ и составен од девет тематски раскази, романот претставува експериментален жанровски хибрид што комбинира фикција, алегорија, дигитална сатира, критичка теорија и филозофски рефлексии. На првиот кат, стравот се појавува во својата заводлива форма, преку општествените очекувања, медиумските клишеа и културните стереотипи. Вториот кат е технолошки, каде стравот се автоматизира, станува код и дел од систем без емоција, но со моќ. На третиот кат, тој е тивок, интимен и длабоко човечки – впишан во нашите неуспеси, спомени и надежи.
Писателката Фросина Пармаковска за романот ќе каже дека е уникатен пример на колажиран, нелинеарен и мошне комплексен хибриден, текст кој умешно ги поставува едни од најзначајните прашања за човекот и за светот: каде бевме, каде сме и каде одиме.
- Исклучително креативно и храбро, ова четиво нуди цел спектар од приказни кои се суштински, егзистенцијални и актуелни, а истовремено бескрајно духовити и игриви. Да се влезе во светот на Фобос е како да се тргне на патување без безбедносен појас кое никако не знаете каде ќе ве одведе - иднината е само една од варијантите на минатото, а човекот има бескрајни можности да биде, да постои во еден од световите што ги има до недоглед или, пак, во сите нив, во некое алтернативно време, вели Пармаковска.
Соња Станковска (1977, Охрид) е архитект и дизајнер, но во основа раскажувач на приказни. бак/вг/
Фото: Или-или