Промоција на новиот хумористичен роман од Трајче Кацаров
- Во рамки на манифестацијата „Книга во секој дом“, денеска во книжарницата на „Матица македонска“ ќе биде промовиран новиот хумористичен роман на Трајче Кацаров „Романот за Чарли Офтика – Туркачот“.
Скопје, 9 мај 2025 (МИА) - Во рамки на манифестацијата „Книга во секој дом“, денеска во книжарницата на „Матица македонска“ ќе биде промовиран новиот хумористичен роман на Трајче Кацаров „Романот за Чарли Офтика – Туркачот“.
Како што информираат од Матица македонска, „Романот за Чарли Офтика – Туркачот“ е роман во кој комичните ситуации, градени преку ликовите предадени на емпатијата, љубовта, љубомората, зависта, се нижат како на филмска лента, веродостојно и нужно, притоа правејќи ја содржината лесно читлива, односно, лесно видлива.
-Новото дело на Кацаров, всушност е роман за киното. За киното како празник што го следи современиот човек. Киното како инкубатор на емотивни стресови и реакции најчесто изрзени низ извици:„ Аууу! Уааа! Ејјјј! Бреее! Тууу! Пу јазк!“ Но, и антологија на случките во киното и надвор од него приредена од протагонистите во „Романот за Чарли Офтика – Туркачот’ на туѓи терети и сопствени заблуди и адвокатот, докторот по правни науки Алексеј Миро. Роман што ви овозможува читајќи да гледате, а гледаното да го видите. „Поради големата застапеност на хумор во него, романот е забранет за оние што не знаат да се смеат, но и за оние што се смеаат до зајдување. Ако го набавите денес, смеењето ќе ви почне од вчера!“, се вели во најавата за промоцијата, на која читателите ќе можат и да поразговараат со Кацаров.
Со традиционалната манифестација „Книга во секој дом“, и овојпат, преку средби со автори и промоции на книги, „Матица македонска“, остварувајќи ја својата мисија, вниманието го насочува кон македонските автори. Истовремено, со цел навистина книгата да е во секој македонски дом, до 15 мај над 300 наслови во книжарниците на „Матица македонска“ и на веб-страницата се со попуст до 70 проценти.фф/лв/
Фото: Матица македонска