Промоција на книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски
- Со читање есеи на Горан Стефановски, критички осврт, беседи и изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан“, денеска на пладне кај спомен-обележјето „Клупата на Горан Стефан
Скопје, 15 октомври 2022 (МИА) - Со читање есеи на Горан Стефановски, критички осврт, беседи и изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан“, денеска на пладне кај спомен-обележјето „Клупата на Горан Стефановски“, на скверот „Јас и ти“ во Дебар Маало ќе биде промовирана книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски.
Ова е прва книга за есеистиката на Стефановски, со детално анализирање и вреднување на овој сегмент од неговиот творечки опус, што неодамна ја објави издавачката куќа „Полица“, по повод 70 години од раѓањето на Стефановски.
Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова, а водител на промоцијата ќе биде актерот Благоја Чоревски, кој има остварено улоги во речиси сите драми на Горан Стефановски на нашата театарска сцена. Тој ќе сподели и дел од своите спомени за големиот автор. Фрагменти од есеи на Стефановски ќе се слушнат со прочит на актерите Енџи Николоска и Никола Настоски. Притоа ќе бидат прочитани фрагменти и од последниот, тестаментален есеј на Горан Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“, објавен меѓу кориците на „Идентитетот е приказна“. Со изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан“, на промоцијата ќе учествуваат и деца од Актерската школа на Весна Петрушевска. Објавувањето на оваа книга е остварено во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, а со поддршка на Министерството за култура. Ова е прва промоција на „Идентитетот е приказна“, откако книгата е достапна за читателите во книжарницата на „Полица“. Промоцијата се одржува со поддршка од Општина Центар, а најавено е и обраќање на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски. Предвидено е и дружење на присутните со споделување спомени за Горан Стефановски и разговори за книгата „Идентитетот е приказна“, овозможено со поддршка од винарската визба „Тиквеш“. -Книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски се смета за исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура, а со оваа нејзина промоција ќе се оствари уште едно чествување на значајниот јубилеј – 70 години од раѓањето на Горан Стефановски, соопшти издавачот. мд/бак/