• недела, 22 декември 2024

Панел: Националниот сервис важен чинител за заштита на граѓанските интереси, политичките елити да престанат да го гледаат како политички плен

Панел: Националниот сервис важен чинител за заштита на граѓанските интереси, политичките елити да престанат да го гледаат како политички плен

Скопје, 30 јануари 2024 (МИА) - Националната радио телевизија е важен чинител во аудиовизуелната сфера од аспект на заштита на интересите на граѓаните и за тој да може да се развива во насока на комплетно независен јавен сервис најважната реформа треба да биде во пристапот на политичките елити кон односот кон јавниот сервис. Тие мора да расчистат дека МРТ не е обично јавно претпријатие и не може да го гледаат како политички плен. Неопходно е и регулаторот и јавниот сервис да располагаат со соодветни финансиски и човечки ресурси.

Ова беа дел од главните пораки од денешниот промотивен настан „Важноста на функционирањето на Јавниот радиодифузен сервис за демократијата во Европа“, што се одржа во Скопје. Настанот е дел од Твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и јавниот сервис“ финансиран од ЕУ, кој го спроведува Германската фондација за меѓународна правна соработка во партнерство со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Јавниот сервис.

Според директорот на Јавниот радиодифузен сервис Марјан Цветковски, постигнат е напредок во МРТ со последните законски измени за усогласување на домашната со европската легислатива, но институциите повторно не го почитуваат законското решение за финансирање на радиодифузната дејност и МРТ не го добива целиот износ што и следува во согласност со Законот како за минатата, така и за оваа година.

Цветковски во своето обраќање на настанот посочи дека суштински е да се донесе измена на неколку закони, или да се донесе нов закон само за МРТ, во кој ќе се отстранат сите ограничувања во работата на МРТ, која ја прават зависна од повеќе владини институции. 

Како што информираше, во 2012 година Македонската телевизија беше комплетно дигитализирана и беше прв јавен радиодифузен сервис во регионот кој премина од СД во ХД - технологија. МРТ, посочи, претрпе целосно ребрендирање, комплетно реновирани и модернизирани простории.

-Набавивме најнова филмска програма, го вративме спортот и детската програма, почнавме повторно да продуцираме сопствена програма. Беа набавени нови репортажни возила, првпат по речиси 25 години, и беше функционално опремено најголемото телевизиско студио во државата. Постепено го враќавме сјајот на јавниот сервис како и достоинството на вработените. После 15 години платите во МРТ ги покачивме и тоа во шест наврати. Докажавме дека во Македонија може и да се намалува администрацијата, а да се добива подобар и многу поквалитетен продукт. Го намаливме бројот на вработени за речиси 30 проценти и ова е доказ дека сме работеле независно и исклучиво во согласност со интересите на МРТ, додаде Цветковски.

Како што подвлече, донесена е Петгодишна стратегија за развој на МРТ. Напомена дека обврските што ги налага Стратегијата, а чија реализација не е поврзана со финансии, МРТ веќе ги реализирала.

-Но, во моментов имаме нов предизвик. Пред нас стои виртуелната и проширената реалност и нејзината примена во медиумите. Нејзината примена ја реализираме во двете најголеми студија во државата, Студиото 2, кое е целосно опремено виртуелно студио и Студиото 3, кое е хибридно студио со проширена реалност и реална сценографија. Можностите кои ги нудат проширената и виртуелната реалност се огромни, најновата и најсовремена технологија е веќе тука со нас, можам слободно да кажам дека сме меѓу првите јавни медиумски сервиси кои ја имаат имплементирано во студиските системи и со нетрпение ја очекувам реакцијата на нашите гледачи од тоа што ќе им го понудиме, додаде Цветковски.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски, за време на настанот денеска посочи дека со новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој од јули минатата година е усогласен со ревидираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата доби дополнителни обврски така што сега е надлежна и за други субјекти на пазарот, како што се платформите за споделување видеа и инфлуенсерите.

-Агенцијата и нашите германски колеги веќе почнаа да работат на изготвување на подзаконските акти со кои ќе се доуредат изменетите и новите законските одредби, притоа користејќи ги најдобрите искуства и практики од земјите-членки кои веќе ја имаат имплементирано ревидираната Директива. Во изминатите неколку месеци, преку работилници и обуки се работеше на подигање на капацитетите на вработените во стручната служба за новите предизвици за медиумската писменост во дигиталната сфера, справување со говор на омраза и дезинформации во дигиталниот простор, предлогот за регулирање на транспарентноста и таргетираното политичко рекламирање, Актот за дигитални услуги, Европскиот акт за слобода на медиумите и други одредби од Директивата, рече Трајчевски.

Тој додаде дека покрај Агенцијата, корисник на проектот е и Јавниот радиодифузен сервис МРТ, кој е подеднакво важен чинител во аудиовизуелната сфера од аспект на заштита на интересите на граѓаните, и нивното право да бидат навремено, објективно и точно информирани, ослободени од партиски и бизнис интереси.

Токму затоа, подвлече, особено е важно МРТ постојано да е во чекор со новите технологии и да работи на развој на својата програма и на изнаоѓање нови техники за допирање до поширока публика.

Како што потенцираше, за исполнувањето на своите надлежности и обврски, неопходно е и регулаторот и јавниот сервис да располагаат со соодветни финансиски и човечки ресурси.

-Се надеваме дека Министерството за информатичко општество и администрација ќе изнајде начин да обезбеди стабилно финансирање на овие две институции, вклучувајќи ја и МРД и на тој начин ќе придонесе да не се загрозува функционирањето на целокупниот аудиовизуелен сектор, додаде Трајчевски. бт/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан