• недела, 22 декември 2024

Промовиран универзитетскиот учебник „Политички систем“

Промовиран универзитетскиот учебник „Политички систем“

Скопје, 12 декември 2023 (МИА) - Универзитетскиот учебник „Политички систем“ од авторите проф. д-р Рената Тренеска Дескоска, проф. д-р Јелена Трајковска-Христовска и доц. д-р Марко Кртолица, денеска беше промовиран на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Учебникот е наменет за студентите на правни, политички и новинарски студии за изучување на предметот „Политички систем“. 

Како што соопштуват од Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС) станува збор за нов и современ учебник којшто поставува повисоки стандарди во пишувањето на учебници, со стил лесен за читање, разбирлив и едноставен. 

Проф. д-р Рената Тренеска Дескоска во своето обраќање за време на промоцијата посочи дека ова било предизвик затоа што печатењето на ваков учебник е навистина скапо и се заблагодари на Фондацијата за нивната поддршка во тој процес, но и за можноста студентите оваа книга да ја имаат бесплатно. 

-Предметот „Политички систем“ беше предмет кој најмногу ме заинтересира за време на студиите, главниот виновник за тоа е мојата професорка Гордана Силјановска. Кога почнав да предавам, користев американска литература, се воодушевував од тие книги и цело време спомнував дека еден ден и јас ќе имам таков учебник. Оваа книга ја наменуваме не само за студентите туку ја наменуваме на сите со цел да помогнеме во граѓанскиот тренинг за креирање на народ способен за владеење, рече Дескоска.

Како што посочи, кога ја пишувала книгата, главна цел и беше да ги „зарази“ студентите со надеж и ентузијазам за демократија, владеење на правото и прогресивни идеи.

Проф. д-р Јелена Трајковска-Христовска на промоцијата денеска се заблагодари на Факултетот и на деканот затоа што ја препознаа и ја поддржаа потребата да се изготви еден важен и современ учебник, изработен по сите стандарди на современото светско учебникарство.

-Особено ни беше значајно да ги слушнеме мислењата на студентите кои на некој начин имаа можност првичната верзија да ја прочитаат. Секако да се заблагодарам на факултетот и на деканот затоа што ја препознаа и ја поддржаа потребата да се изготви еден важен и современ учебник, изработен по сите стандарди на современото светско учебникарство и на крај заради поддршката од Фондацијата за нашиот ракопис да може да ја види светлината на денот и нашите студенти да можат побрзо и полесно и позабавно да ја совладаат материјата од предметната програма, рече Трајковска-Христовска.

Рецезент на книгата проф. д-р Марика Ристовска на промоцијата рече дека учебникот не е наменет само за студентите, туку и за пошироката, научна, стручната и политичка јавност затоа што разработува битни теми, битни феномени, како што се прашањата за поимот „политика“, поимот „демократија“, „идентитет“, „идеологија“, „национализам“, „владеење на право“, „политички партии“, „јавно мислење“ и други феномени.

-Вредноста на оваа книга е што сите овие прашања ги разработува не само од теоретски аспект, туку преку компаративни примери, но и преку анализа на македонската стварност, додаде Ристовска.

ФЕС како издавач на „Политички систем“ истакна дека потребата од политичко образование станува сè позначајна со цел зајакнување на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политички плурализам, меѓусебна толеранција, заедништво и солидарност.

Фондацијата Фридрих Еберт веќе неколку години го поддржува и зајакнува македонското образование коешто претставува еден од клучните столбови на државата.

Овој учебник нуди обемен научен материјал кој покрај својот придонес во високото образование, придонесува и за политичко образование на идните генерации студенти во Северна Македонија.

Публикацијата е бесплатна за сите студенти и ќе можат бесплатно да го преземат учебникот преку QR кодот на плакатите и букмаркерите што ќе бидат поставени на факултетот или директно од веб-страницата на ФЕС. дма/бт/

 

Остани поврзан