• вторник, 05 ноември 2024

Промовирани фондацијата и наградата именувани по Горан Стефановски

Промовирани фондацијата и наградата именувани по Горан Стефановски

Прилеп, 9 јуни 2024 (МИА) - На денот посветен на Горан Стефановски, во рамки на  58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, Факултетот за драмски уметности од Скопје во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“, ја промовираше фондацијата што го носи неговото име, а Драмскиот театар од Скопје ја претстави штотуку востановената награда за драмски текст именувана по него, која ќе се доделува за најдобар драмски текст на млад автор до 30 години.

Сашо Кокаланов, продекан за настава при ФДУ во Скопје, образложи дека Стефановски секогаш бил тука да ги поддржи младите автори, да им биде „ветер во грб“ особено во почетната фаза.

- Прилично скоро се роди идејата да се направи фондација „Горан Стефановски“ за да се зачува сета онаа оставштина од нашиот драг професор. Не се само драми напишани на македонски, на англиски, не се само изведбите на тие драми, туку тоа е една драмска школа што треба да продолжи, драмска традиција што треба да се пресоздава. При разговор со професорот Унковски, дојдовме до заклучок дека најдобар начин за да се продолжи делото на Горан, е да се направи фондација. Благодарен сум на УКИМ „Свети Кирил и Методиј“ што веднаш ја препозна важноста на оваа идеја. Сакаме да ги објавиме сите негови драми во едно големо издание, сакаме да го дигитализираме целото творештво на Горан Стефановски, да биде достапно на повеќе светски јазици. Вториот сегмент се однесува на поддршката на младите автори. Фондацијата ќе го поддржува и формалното и неформалното образование кај младите драмски автори, ќе ги стипендира. Поддршка, финансиска, имаме веќе и од приватниот и бизнис секторот, рече Кокаланов.

Обраќање имаше и директорот на Фондацијата, режисерот Александар Поповски, кој рече дека е благодарен што е дел од оваа приказна. 

- Токму затоа, ќе прочитам дел од она што е есенцијата од намерата за основањето на фондацијата. Дел е од она што Горан ни го пренесуваше и ни го раскажуваше. Велеше, „Сите живи суштества се раѓаат со инстинктот на преживувањето. Пајаците за да реживеат имаат совршен вроден инстинкт за ткаење мрежи.  Луѓето за да преживеат имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни, за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет. Идентитетот е приказна за тоа кои сме, што сме, што сакаме, за да можеме да преживееме во суровиот свет. Ова приказна мора да е точна, заснована на познавањето на теренот, на длабок увид. Погрешната приказна може скапо да нѐ чини. Да не одведе во заблуда, во ќорсокак....Ниедна култура не може да опстане без точна, силна, автентична приказна“, велеше Стефановски. Оваа навидум едноставна порака беше дел и од предавањата и од соработката со Горан. Настојуваше фантастичното, пребогато минато кое го имаме, на автентичен начин, да го носи во некаква иднина, рече Поповски.

Викторија Рангелова Петровска, директорка на Драмскиот театар од Скопје образложи зошто се востановува наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст.

- Оваа година, Драмски театар ја востановува наградата за најдобар драмски текст на млад автор до 30 години, награда што ќе го носи името на Горан Стефановски. Идејата е многу благородна и истовремено е оддавање должна почит на авторот кој, практично, направи голем успех и за себе, и за Драмски театар во периодот кога се изведуваа неговите текстови. Најголемите успеси на Драмски се врзуваат кога се изведуваа претстави според текстови на Стефановски и ние сме должни да му оддадеме почит. Одлуката да се доделува наградата е зашто најдобрите дела, почетоците на Горан Стефановски, се напишани на многу рана возраст: на 22, на 25, на 27 години. Им даваме поддршка на младите драмски автори да се реализираат и да го продолжат дејствувањето и да го продолжат континуитетот на македонската драматургија. За нас тоа е битно, зашто мислам дека младите автори се најпрогресивни, најотворени во делата што ги пишуваат, рече Рангелова Петровска.

Беше претставен и Самоглас со аудиодрами на Стефановски, а вечер од 18.30 часот ќе има презентација на филм за големиот автор. ем/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан