• петок, 22 ноември 2024

Промовирана првата Британска бизнис асоцијација во земјава

Промовирана првата Британска бизнис асоцијација во земјава

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - Првата Британска бизнис асоцијација (ББА) во државава, организација чија цел е унапредување на трговските врски со Обединетото Кралство, застапување на интересите на британските компании во земјава и останати компании кои имаат британски бизнис интереси, денеска беше промовирана во Амбасадата на Велика Британија во Скопје. Основачи на Асоцијацијата се компаниите Џонсон Мети и Сопро и рудникот САСА.

-Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство  во Западен Балкан. Го цениме ова партнерство и ќе продолжиме да ја надградуваме оваа успешна приказна и да ги зајакнуваме нашите трговски врски. Како силен партнер и близок пријател заинтересирани сме и подготвени  да бидеме ваш претпочитан трговски и инвестициски партнер преку нашите индустриски способности, инвестициски екосистем и владина поддршка. Британските бизниси застапуваат транспарентност, одржливост, иновација, соработка и партнерство, а токму целта на ББА е да ги промовира овие вредности во рамките на македонското деловно опкружување во тесна соработка со сите чинители, рече британскиот амбасадор Метју Лосон на промоцијата на Асоцијацијата.

Нагласи дека формирањето на ББА е пресвртница во одбележувањето на, како што рече, силните трговски односи меѓу двете земји во годината кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

-Од потпишувањето на договорот за партнерство, трговија и соработка меѓу двете земји на 3 декември 2020 година Амбасадата ги разгледува можностите за идно поддржување на растот на трговските  односи. Продолжуваме активно да ја покажуваме стручноста и способноста на британската индустрија на релевантните проекти и засегнатите страни во земјата и регионот, ја промовираме Британија како повластен трговски и инвестициски партнер во Северна Македонија и го промовираме Министерството за гарантирање на извозните кредити на Обединетото Кралство како активен партнер во финансирањето на развојните проекти во земјата и поттикнувањето на нашата билатерална трговија, рече Лосон и додаде дека во нивниот фокус е инфраструктурата, енергијата, рударството, одржливиот развој, здравството, безбедноста и одбраната.

Посочи дека Обединетото Кралство е светски лидер во многу сектори и дека се подготвени да го поддржат натамошното проширување на комерцијалните односи  меѓу британските и македонските компании. 

Во одговор на новинарско прашање посочи дека има и други британски компании заинтересирани за инвестиции во земјава  и додаде дека ќе ги охрабри да дојдат и да инвестираат.

Британскиот трговски претставник за Западен Балкан, Мартин Викерс истакна дека билатералните односи помеѓу двете земји доведоа до некои, како што кажа, импресивни инвестициски приказни и додаде дека не се сомнева оти престојат многу повеќе во годините пред нас „додека дополнително ги зајакнуваме нашите трговски врски“.

-Оваа Асоцијација ќе има водечка улога во тоа и им благодарам на сите вклучени бизниси за нивната работа и посветеност на успешноста на оваа организација. Бизнис заедницата може да смета не само на мојата поддршка, туку и на поддршката на владата на Обединетото Кралство во реализирањето на овој потенцијал, рече Викерс.

Нагласи дека земјава е најголем трговски партнер на Обединетото Кралство  во Западен Балкан, најмногу благодарение на фабриката за катализатори Џонсон Мети која, како што посочи, генерира близу 16 отсто од БДП на земјата.

-Министерството за гарантирање на извозните кредити на Обединетото Кралство и Агенцијата за кредитирање на извозот на Обединетото Кралство неодамна значително ги зголемија ограничувањата за земјите со што  компаниите имаат пристап до 4 милијарди фунти помош кои се однесуваат само на Северна Македонија, рече Викерс.

Негова цел, како што кажа, е да ги промовира трговските можности на Британија и да ги елиминира трговските бариери во Западен Балкан на кои ќе наиде во текот на работата.

-Вие сте бренд во Западен Балкан и сте пример за стабилност што е една од причините зошто најголемите британски компании се кај вас. Работиме напорно со компаниите во регионот за да ги решиме проблемите и да има стабилност и просперитет во целиот регион, а токму вие сте примерот за тоа, рече Викерс.

 Борјан Борозанов, директор за производство за Европа на Џонсон Мети, кажа дека компанијата во земјава е присутна повеќе од 14 години и додаде дека еден од три продадени катализатори во Европа е произведен во Џонсон Мети и во него има дел што е произведен во Џонсон Мети Македонија. 

-Не само што сме мост меѓу Британија и Македонија, туку сме и совршен пример што може да се направи ако има волја и соработка на сите страни. Еден сме од најголемите извозници од земјава и вработуваме речиси 1.000 луѓе. Само минатата година контрибуиравме скоро 1.000 волонтерски денови спрема пошироката заедница и поддржавме преку 40 студенти. Работиме заедно со повеќе факултети и средни училишта за да произведеме знаење и да креираме вештини што ќе ни овозможат тука да донесеме нови инвестиции и производи, рече Борозанов.

Посочи дека подолго време работеле на иницијативата за отворање на ББА и додаде дека се надева оти ефектот од тоа за некое време ќе биде 10 пати поголем отколку што е сега.

Ивица Талевски, заменик генерален директор и директор за одржливост на рудникот САСА, најголемиот подземен македонски рудник во кој работат 760 лица истакна дека од ноември 2017 година се дел од Централ Азија металс, интернационална рударска компанија со седиште во Лондон, која оттогаш досега во САСА инвестирала околу 60 милиони американски долари. 

-Заради својата улога и големо значење за локалниот развој и развојот на земјата, како и заради фактот дека припаѓа на групација со седиште во Велика Британија за САСА беше сосема природно да биде еден од основачите на ББА во Македонија. Со нејзиното основање, но и со нашето активно учество во нејзината работа, ние како домашна компанија, заедно со нашите инвеститори од Велика Британија, ќе го дадеме нашиот придонес за натамошно унапредување на деловната клима во нашата земја, како и за зголемување на економската соработка помеѓу двете пријателски земји, што се едни од главните цели и задачи на оваа бизнис асоцијација, рече Талевски.

Нагласи дека е убеден дека одлично ќе соработуваат и со останатите деловни асоцијации и комори во земјава.

Во одговор на прашање рече дека со недостигот на работна сила, што е светски феномен, се справуваат со инвестиции на краток, среден и долг рок. На краток рок, како што кажа, со перманентно вложување во тренинг школи за обуки од три до шест месеци на ново вработените неквалификувани работници и на оние на кои им е потребна доквалификација, на среден рок со инвестиции во дуалното образование и дуалните паралелки и вклучување на ученици во производствениот процес и нивна подготовка пред вработување, а на долг рок со стипендирање на студенти.

-Сметам дека ББА е добар инструмент и алатка да направиме нареден чекор како да привлечеме знаење и да воспоставиме соработка со британски универзитети и да придонесеме за подобар квалитет на образованието во Македонија. За тоа постојат многу опции и треба да изнајдеме кои ќе бидат најдобри. Тие бараат инвестиции, а ние сме подготвени да помогнеме и да го направиме реален тој процес, потенцира Талевски.  

Рајан Велманс, главен извршен директор и ко-основач на Сопро посочи дека компанијата е формирана во 2015 година и е еден од најголемите дватели на услуги во Обединетото Кралство на полето на поврзувањето на бизнисот со друг бизнис со цел остварување на продажба и раст.

-Обезбедуваме маркетинг технологија и услуги на шест континенти, првенствено во Обединетото Кралство, Европа и САД. Во Скопје дојдовме во 2016 година за да го поставиме нашиот оперативен центар и запознавме богатство на талентирани луѓе и работна етика која тешко може да се преслика на друго место во светот. Сега вработуваме 200 лица во Скопје. Седиштето на компанијата е во Брајтон, Англиј , а имаме и канцаларии во Мајами Флорида. Вкупно вработуваме околу 300 луѓе ширум светот, рече Велманс.

Најави дека Сопро ќе продолжи да инвестира во земјава и додаде дека со задоволство прифатиле да учествуваат во основањето на ББА.

-Формирањето на ББА го гледаме како многу позитивен исчекор во севкупната економска соработка меѓу Обединетото Кралство и Македонија и среќни сме што сме вклучени во проектот, потенцира Велманс. вј/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан