• петок, 22 ноември 2024

Промовирана поштенска марка по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи со Италија

Промовирана поштенска марка по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи со Италија

Скопје, 18 октомрви 2023 (МИА) - Поштенска марка по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Италија и Северна Македонија, издадена од А.Д. Пошта на Северна Македонија, на иницијатива на Амбасадата на Италија беше промовирана денеска во Скопје.

Церемонијата, како што информираат од Италијанската амбасада, се одржа во седиштето на Сојузот на филателистите на Македонија во присуство на амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, раководителот на бирото за филателија на А.Д. Пошта, Гани Дарлишта, претседателот на Сојузот на филателистите, Синиша Павлески и на секретарот на сојузот Виктор Габер.

- Сигурен сум дека овој значаен јубилеј ќе даде дополнителен поттик за зајакнување на одличните односи меѓу Италија и Северна Македонија. Во овој контекст, поштенската марка што денеска ја претставуваме заедно со Поштата на Северна Македонија ќе остане да сведочи за искрената соработка и пријателство на нашите земји, изјави амбасадорот Силвестри.

Дизајнот на марката е креација на младиот студент и графички дизајнер Иван Коминовски, кој беше избран на конкурсот што во април го организираше Амбасадата, во соработка со Институтот Данте Алигиери од Скопје.

Претставникот на Поштата на Северна Македонија, Дарлишта истакна дека оваа марка претставува симбол на пријателството меѓу двете земји кој ќе го обиколи светот и ќе отпатува заедно со писмата во многу други земји.

Секретарот на Сојузот на филателистите, Виктор Габер, кој е и прв македонски амбасадор во Рим, во своето обраќање потсети на најважните историски моменти од воспоставувањето на дипломатските односи, нагласувајќи ја италијанската политичка поддршка изразена уште од самиот почеток за афирмација на земјата на меѓународно ниво.

Како што информираат, денеска е и првиот ден од издавањето на комеморативната марка која А.Д. Пошта на Северна Македонија му ја посвети на големиот филозоф и иноватор на ренесансната мисла, Џордано Бруно, по повод 475 години од неговото раѓање. аа/вј/

Фото: Италијанска амбасада

Остани поврзан