• понеделник, 23 декември 2024

Промовирана книгата „30+ Жените тоа го можат“ посветена за работата на женските НВО

Промовирана книгата „30+ Жените тоа го можат“ посветена за работата на женските НВО

Скопје, 6 март 2024 (МИА) - Во Собранието денеска беше промовирана книгата „30+ Жените тоа го можат“ посветена за работата на женските НВО по независноста на земјата, од авторките проф.д-р Слободанка Маркоска, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ и новинарката Валентина Ѓорѓиоска.

На страниците од книгата се поместени сведоштва, хронологија, имиња на градски организации. Во оваа книга се зборува за почетоците на активистките кои го менуваат минатото.

Во оваа книга која зборува за почетоците на активистките кои го менуваат минатото.

-Тие беа ветер во секој нов сегмент. На 28 февруари, 28 жени во 1991 година сосема природно без страв од непознатото влегоа во костец со проблемите, со иницијативи, закони следејќи го импулсот на општеството, станаа свесни за себе, но и за повикот на организациите дека само силен сојуз на организации го јакне значењето на жената. И замислете овде во Парламентот на почетокот беа само четири, а денеска процентот е 47. Тоа беше време на синдикални, работнички движења, на синдикални и работнички организации со илјадници вработени а во претседателството ниту една или барем една жена. Затоа гласно рекоа Мора повеќе жени. Да тргне мисијата. Да бидат дел од конвенции, хуманитарни акции помош, утеха и дом за раселените лица каде што не постои религија, нема националност и статус, и има само чиста љубов и желба да се сменат работите. Токму на овие страници од книгата се поместени сведоштва, хронологија, имиња на градски организации. Ова е книга која не треба да се чита само еднаш. Ова е учебник за лидерството, за вештините за преговарањето, претприемништвото, една универзална институција за многу важни сегменти во животот, нагласи за книгата модераторката Ели Танаскова. 

Савка Тодоровска, претседателка на Националниот сојуз за родова рамноправност истакна дека сите ние жени го отворивме патот за создавање општество во кое секоја жена ќе може да напредува и иднина во која правата на секоја жена не само што ќе се признаваат, туку и ќе се слават.

-Десет пати зголемен број на жени во законодавниот дом, избрани на локално и на национално ниво. Во бизнис секторот, во науката, добиени бројни субвенции на жените од руралните средини. По втор пат имаме градоначалничка на главниот град на државата. Имаме гувернерка на Народната банка. Имаме претседателки на Уставен суд, Врховен суд и Судски совет. Велат дека „добрите врати немаат резиња, но сепак не можат насилно да се отворат“. Така делуваме и ние – со разбирање, со аргументи од терен, со многу лобирање и упорно застапување, бидејќи најплодотворниот исход не зависи секогаш од силата туку успева без надменост, без непријателство, без непотребна гордост и секогаш без насилство, рече Тородовска.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески истакна дека улогата на невладините организации има непроценливо значење во развојот на човековите права воопшто давајќи пример за тоа што значи стратешки долгорочен пристап кој дава конкретни резултати и кој создава терен за реални промени во сите сфери на општествено-политичкиот живот.

-Со гордост можам да истакнам дека токму тука во македонското Собрание не само што имаме застапеност на жените над 40 проценти, туку нашите колешки пратенички имаат клучна улога во сите процеси што се одвиваат во Собранието. Мора дури и да признавам дека многу често се и покреативни, поупорни, потемелни и порешителни во работата за разлика од нас мажите. Независно од тоа што Собранието може да се пофали со високо ниво на рамноправност, тоа сепак тоа се уште е важно општествено прашање, бидејќи понатаму како држава се соочуваме со недоволна застапеност на жените. А тоа е на штета на севкупниот општествен развој и напредок, бидејќи во наш интерес, во интерес на државата, во интерес на сите граѓани е да го искористиме целиот потенцијал што го поседуваме. Жените се носители и се моторот на многу значајни промени и реформи. И затоа не смеат да бидат исклучени, ниту маргинализирани во ниту една област, рече Митрески.

На настанот беше прикажан видео запис „НСЖМ 30 + Жените тоа го можат“ поддржана од Фондацијата Фридрих Еберт.фф/аа/

Фото: Собрание на РСМ/Принтскрин

Остани поврзан