• недела, 17 ноември 2024

Промовирана книгата ,,Шардоне и шпагети карбонара” од Марта Димитров

Промовирана книгата ,,Шардоне и шпагети карбонара” од Марта Димитров
Кавадарци, 5 октомври 2020 (МИА) - Во рамки на Фестивалот на европската литература „BookStar 2020“ вечерва во кавадаречкиот Дом на култура „Иван Мазов Климе“, беше промовирана книгата „Шардоне и шпагети карбонара“ од младата македонска авторка  Марта Димитров, родена во Кавадарци. -Искрено се надевам дека овој роман со наслов „Шардоне и шпагети карбонара“ ќе ви послужи како инспирација за позитивни промени во вашите животи и што е воедно и мојата основна мисија на пишувањето, нагласи Димитров. Пред присутните се обрати и Кристина Велевска, уредник во издавачката куќа „Антолог”. Книгата ја промовираше  рецензентката Цветанка Колева, а модератор на настанот беше актерот Диме Коцевски. -„Шардоне и шпагети карбонара“ е навидум љубовен роман, во кој се вплеткуваат приказните за Миа и Милан како пријатели и за Ксенија како девојка на Милан. Освен случувањата околу овие две релации – пријателската меѓу Милан и Миа, и љубовната меѓу Ксенија и Милан, низ романот се отсликува и хобито на главната хероина како млада писателка. Вагајќи низа свои постапки, ликовите констатираат дека зрелоста нема врска со годините, туку со себенадминувањето во обидот да се спречат егото и ароганцијата. Но истовремено ова е роман и за истрајноста во борбата со себе и своите демони, бидејќи, кога кршиме мразови, не треба никој да нè држи за рака затоа што се потребни двете раце и сета сила. Марта Димитров одлично психолошки ги портертира ликовите доловувајќи ги нивните најдлабоки дилеми и стравови. Умешно проникнува во срцевината на нивните проблеми и раскажува една убава и топла приказна за љубовта, пријателството, лојалноста, стои во описот на романот. Со оваа книжевна промоција, се додава, издавачката куќа „Антолог“ уште еднаш потврдува дека и во овие тешки времиња,  ги поддржува младите македонски автори и нивните книжевни дела. свд/лв/

Остани поврзан