• недела, 22 декември 2024

Промовирана биографската книга „Сеќавање на еден енергичен и исполнет живот - Томе Бомбај“

Промовирана биографската книга „Сеќавање на еден енергичен и исполнет живот - Томе Бомбај“

Тетово, 10 февруари 2023 (МИА) - Биографската книга „Сеќавање на еден енергичен и исполнет живот - Томе Бомбај“ посветена на политичарот и општественик Томислав Стојановски - Бомбај (1940-2022) вчера беше промовирана во Тетово.  Авторки на публикацијата се сопругата Вера Стојановска и ќерката Марија Мерџановска, помогнати и поддржани од членовите на поширокото семејство.

Идејата созреа во нашето семејство затоа што Томе беше посебен човек, но не беше посебен само за нас, сите вие сте поттик за пишување на оваа книга, порача во обраќањето при промоцијата ќерката  Марија Мерџановска.

-Наратор на книгата е мојата мајка, која го помина скоро целиот живот со татко ми. Таа седна и во еден здив во две недели го раскажа целиот нивен заеднички живот. Автори сме всушност сите, брат ми, внуците, моите деца, сопругот, мајка ми.  Делот за земјоделско училиште го напиша Роза Ристовска, напишано е изворно и детално, затоа што таа беше помошник директор, сведок на настаните таму. Ми го стопливте срцето во овие три недели во организација на промоцијата, истакна Марија Мерџановска.

Томислав Стојановски во Тетово беше познат како директор на земјоделското училиште, а потоа и како политичар, пратеник и лидер на Демократската партија на Македонија (ДПМ).

-Додека ја средував книгата, мислев што ќе речеше татко ми. Сигурно ќе имаше безброј забелешки од нив, но и скриена насмевки, беше скржав за делење пофалби. Книгата прво е наследство за нашата семејсво и обид се сподели дел од неговиот живот со луѓето што го познавале лично или не го познавале. Да се сподели колку еден човек можеше да биде активен и динамичен и да направи во животот. Целта е да се сподели неговата борба и енергија. Тоа е единствена енергија, Бомбај енергија, е енергија која не стои, мора да има движење. Како што работеше и се движеше така мозокот му работеше на повеќе нивоа со полн капацитет. Ако треба да го опишам само со една реченица - „Мисли бргу, работај побргу“, истакна Марија Мерџановска.

Бомбај е роден во 1940 година во Тетово. Се образувал во тетовската и гостиварската гимназија. Во 1958 година како стипендист на „Југохром“ оди во Белград, на студиите по машинство, а следната година се префрла во Скопје. Работел во „Југохром“, „Електрометал“, „Агроремонт“. Од 1973 до 1985 работи како професор во средното стручно училиште „Злате Малаковски“ во Гостивар.  

Во 1985 година доаѓа на местото директор на земјоделското училиште „Моша Пијаде“ во Тетово. Во 1991 година од земјоделското училиште преминува да работи во „Тетекс“, како директор во Енергоодржување. Во „Тетекс“ работи до 1994 година, вкупно 3 години, бидејќи во 1994 година беше избран за народен пратеник во македонскиот Парламент. 

Откако се пензионираше Стојановски го основа Тетовскиот фолк фестивал, што се одржуваше во манастирскиот комплекс во селото Лешок.  Минатата 2022 година по повод Денот на ослободувањето на Тетово постхумно го доби признанието 19 Ноември за животно дело во областа на општествениот развој. Ја поддржа иницијативата „Тетово сака парк“.  Почина на 5 март 2022 година. ас/мд/

Остани поврзан