• среда, 27 ноември 2024

Пролетната акција на Град Скопје и јавните претпријатија од денеска се реализира во општина Ѓорче Петров

Пролетната акција на Град Скопје и јавните претпријатија од денеска се реализира во општина Ѓорче Петров
Скопје, 16 мај 2022 (МИА) - Градот Скопје заедно со јавните градски претпријатија и во координација со Општина Ѓорче Петров ја почнаа големата пролетна работна акција на подрачјето на оваа општина. - Екипите координирано до крајот на неделава на терен ќе спроведуваат активности за рачно и машинско метење и миење на улиците и булеварите, чистење и дезинфекција на контејнерите, собирање кабаст отпад, санирање на оштетувања на коловозите, обновување и поставување на сообраќајната сигнализација, уредување на зеленилото и садење нови садници, санации на пријавени дефекти и проблеми од граѓаните, заловување на бездомни кучиња и можности за нивно вдомување по нивен хуман третман, целосно чистење на атмосферските и на фекалните линии, како и прочистување на дождовните сливници на булеварите и на градските улици, соопшти Град Скопје. Во големата пролетна работна акција во Ѓорче Петров на терен координирано ќе работат екипи на градските јавни претпријатија: Комунална хигиена, Улици и патишта, Паркови и зеленило, Водовод и канализација, Дрисла и Лајка. Во рамките на пролетната акција, екипите на ЈП Комунална хигиена ќе извршат рачно и машинско метење и миење на булеварите и на улиците, автобуските постојки, како и миење и дезинфекција на контејнерите и на микролокациите каде што се поставени. ЈП Комунална хигиена и во оваа општина на неколку локации постави и специјални садови за кабаст отпад, во кои граѓаните ќе можат да го остават, по што тој бесплатно ќе биде подигнат и транспортиран на соодветна локација од ова градско претпријатие. Жителите на општината Ѓорче Петров во различни периоди до завршувањето на акцијата (22 мај 2022 година), ќе можат да го одложат својот кабаст отпад на: Ѓорче Петров 2, автобуска постојка на последна 5-ка; Хром, автобуска постојка на последна 4-ка; Кај старата полициска станица; Кај урбаната заедница Даме Груев; улица Никола Пушкаров, кај општината; улица Ѓорче Петров (од денеска до среда 18-ти мај), кај Очната болница и улица 100, кај КАМ маркет (од четврток 19 мај до недела 22 мај). Според утврдените активности екипите на ЈП Паркови и зеленило во Ѓорче Петров ќе работат на средување и расчистување на теренот, собирање на отпадоци и смет, косење на тревните површини, собирање на откосот, како и кроење грмушки. Вработените од Секторот дрвореди ќе извршат  обликување и кастрење на крошните на дрвјата, врз основа на издадени Решенија од Секторот за комунални работи на Град Скопје. Екипите на ЈП Паркови и зеленило денеска извршија косење на зеленилото на булеварот „Ѓорче Петров“ на потегот кон Сарај, како и косење на зеленилото кај местото Јурија во соработка со екипи од општината. Се изврши и кастрење на 40 дрвја од видот платани на улица Васил Чакаларов на потег од споменикот на Ѓорче Петров до железничкиот мост во Хром. Интервенциите се извршија по издадени Решенија од Град Скопје. Екипите во наредните денови активностите ќе ги продолжуваат на булеварот Македонска војска и улицата Лука Геров. Екипите на ЈП Улици и патишта одговорни за одржување на градските сообраќајници ќе работат на санација на ударните дупки на улица Ѓорче Петров, улица Волковска, улица Црногорска, улица Лепенец и улица Шарпланинска. Како и во преостанатите општини ќе се врши обележување на такси станиците на улиците на подрачјето на општина Ѓорче Петров и санација на недостатоците на светлосната сигнализација. ЈП Улици и патишта денеска работеа и на улица Ѓорче Петров и ги санираа ударните дупки со површина од 18 квадратни метри. Тимовите што ја одржуваат светлосната сигнализација извршија обиколка и контрола на семафоризираните крстосници во Ѓорче Петров и ги утврдија недостатоците на семафорите кои ќе бидат санирани до крајот на неделава. Бидејќи од денеска почнува ноќното бележење на сообраќајниците во градот, во текот на вечерните часови ќе се бележат и такси станиците во општина Ѓорче Петров. Јавното претпријатие Водовод и канализација во општината Ѓорче Петров за време на акцијата ќе работат на улиците Борис Сарафов, Ѓорче Петров и Лука Геров, како и на булеварот Македонска војска. Екипите денеска на улицата Ѓорче Петров извршија контрола на 52 шахти, рачно исчистија 23 шахти и 160 сливници, а извршија и миење на 430 метри канализациона линија со цистерна со вакуум и прочистување на 430 метри  со цистерна под притисок. Заловувачките тимови на ЈП Лајка ќе постапуваат на четири клучни локации во општина Ѓорче Петров, односно на улицата Лука Геров, околу општинската зграда, на територијата на населеното место Волково и на гробиштата. Јавното претпријатие Дрисла во рамките на пролетната акција ќе го прима, складира и депонира комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што ќе се собира на територијата на општина Ѓорче Петров. Пролетната акција во општина Ѓорче Петров почна денеска, 16 мај и ќе трае се до 20 мај, а потоа екипите на јавните претпријатија ќе продолжат со работа во наредната општина што е планирана, каде што на терен ќе ги продолжат активностите на точно утврдени локации по примерот на општина Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Гази Баба, Чаир, Бутел, Шуто Оризари, Центар и општина Ѓорче Петров. мс/лв/  

Остани поврзан