• петок, 22 ноември 2024

Проект за управување со ризик од неавтохтони водни видови во Западен Балкан

Проект за управување со ризик од неавтохтони водни видови во Западен Балкан
Скопје, 12 септември 2022 (МИА) - Здружението за екологија Екоменлог Охрид во соработка со Хидробиолошкиот завод од Охрид и останатите партнери спроведува проект „Зајакнување на образовните капацитети за управување со ризик од неавтохтони водни видови во Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора) – Рискмен“, во рамките на европската образовна програма Еразмус+ CBHE 2020. Конзорциумот на проектот RiskMan се состои од партнери од осум земји: Турција, Италија, Северна Македонија, Грција, Хрватска, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Главен координатор на конзорциумот е Универзитетот Мугла Ситки Кочман од Турција. -Неавтохтоните (алохтони) и инвазивните видови се глобално познати како една од главните закани за матичната биолошка разновидност на водните екосистеми, а нивното присуство може да има економски и социолошки импликации и за локалните заедници. Затоа, главната цел на проектот е да го промовира образованието на засегнатите страни и високото образование во областа на проценка на ризикот од неавтохтони видови и да поттикне истражување и соработка за управување со неавтохтони видови во регионот на Западен Балкан, соопшти Екоменлог Охрид. Конзорциумот Riskman досега објави оценка за регулативата, образовната практика и социоекономската перцепција на неавтохтоните водни видови на Балканот. Исто така, креиран е и онлајн прашалник со цел да се соберат информации за присуството на неавтохтони видови во водотеците на Западен Балкан и да се изгради единствена база на податоци која би послужила како една од алатките за проценка на ризик и планирање на активностите за управување. Како што соопшти Здружението Екоменлог Охрид, биле развиени три нови курсеви кои ќе станат дел од наставната програма во партнерските високообразовни институции од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. Курсевите биле тестирани на Факултетот за наука на Универзитетот во Сараево, Универзитетот за земјоделство во Тирана и Институтот за мориња од Котор во март 2022 година и биле оценети со највисока оценка од учесниците. - Посебен фокус во проектот, според неговата кратенка, е посветен на концептот на управување со ризик. Управувањето со ризикот денес е важна тема на истражување бидејќи ризиците се секогаш присутни во индустриската активност, вклучително и во секторот за аквакултура и рибарство. Една од целите и спецификите на овој проект е развој на рамка на политики за создавање на нова професија - менаџер на ризик, со цел да се отворат нови можности за вработување на младите во земјите партнери. Конзорциумот досега има воспоставено заеднички модел на управување со ризик во земјите од Западен Балкан и разви приспособен курс за управување со ризик во секторот аквакултура и рибарство наменет за невработените млади луѓе, со цел да ги направи што е можно поконкурентни во пазар на труд кој постојано се развива, се наведува во соопштението. Проектот е во завршна фаза, а финална конференција ќе се одржи во Мугла во Турција, во Кампусот на Универзитетот Мугла Ситки Кочман од  денеска до 16 септември. хс/мд/

Остани поврзан