• понеделник, 23 декември 2024

Продолжува седницата на собраниската Анкетна комисија за скандалот на Онкологија

Продолжува седницата на собраниската Анкетна комисија за скандалот на Онкологија

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) -  Анкетната комисија што ја формираше Собранието за утврдување  одговорност за скандалот на Клиниката за радиотерапија и онкологија денеска ќе продолжи со работа со сослушување сведоци и експерти, како и разгледување акти и документи.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера на прес-конференција рече дека има нови сознанија за Клиниката за онкологија за периодот од 2021 до 2023 година. Како што посочи се работи за огромна документација која ја добиле преку свиркачи.

-Денеска ќе зборувам за три заклучоци коишто произлегоа од таа документација која ја добивме од свиркачи, но во периодот кој следи ќе има уште, рече Мицкоски.

Презентираше извештај од Фондот за здравствено осигурување кој извршил вонредна финансиска контрола на јавните набавки на Министерството за здравство за периодот од 1 август 2021 година до 1 август 2023 година и на Клиниката за онкологија за периодот од декември 2022 до март 2023 година. 

Извештајот, како што истакна, покажува дека имало периоди во кои лековите за пациентите доцнеле, а за тоа никој од надлежните не испратил допис и не биле раскинати договорите со добавувачите, немало контрола при аплицирањето на лековите што им се даваат на пациентите кои лежат на Клиниката и се давале лекови на пациенти кои требало да ги примат на друга клиника, а за тоа нема никаква потврда дали тие лекови ги примил пациентот. 

Мицкоски најави дека сите документи ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, а од Анкетната комисија во Собранието ќе бараат да го прошири опфатот и со овој период од извештајот.

На пре-конференцијата на Мицкоски реагираше пратеникпт на СДСМ и член на собраниската Анкетна комисија за скандалот на Онкологија, Ненад Коциќ. Тој потенцираше дека со оваа постапка Мицкоски се обидува да изврши упад и ја загрозува истрагата за Онкологија.

-Ако навистина има докази Мицкоски треба да ги поднесе до надлежни институции, пред се до надлежно Јавното обвинителство. Од каде знае Мицкоски дека овие информации веќе не се дел од истрагата? Јавно објавување значи директно загрозување на истрагата за Онкологија. Прикривање докази исто така е кривично дело. Очигледно Мицкоски свесно ја загрозува истрагата за Онкологија и прашање е која е неговата цел, дали сака да ја попречи правдата. Очекуваме реакции од надлежните институции за овој чекор на Мицкоски, рече Коциќ.

Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка. Поради наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, имаше реакции во јавноста и протести.

Досега пред Анкетната комисија зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Маја Парнарџиева Змејкова, Магдалена Филиповска Грашковска, актуелната заменик-министерка за здравство Маја Манолева, поранешните заменици-министри за здравство Илир Хасани и Владимир Рендевски, Ефтим Насков, главен внатрешен ревизор во Фондот за здравствено осигурување, Поранешната директорка на Клиниката за онкологија, Симонида Црвенковска, Виолета Клисарова, в.д. медицински директор  на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија и други лица и функционери. фф/са/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан