• понеделник, 23 декември 2024

Продолжува реконструкцијата на киносалата во Виница

Продолжува реконструкцијата на киносалата во Виница

Виница, 5 јануари 2024 (МИА) – По подолг прекин на градежните работи, Општина Виница го продолжува проектот за реконструкција на старата киносала, како една од капиталните инвестиции што почна пред околу четири години. Бавната реализација на планираните активности беше причина Општината да го раскине договорот со претходниот изведувач и да ја повтори постапката за избор на нов.

За реализација на проектот беа обезбедени 15,5 милиони денари преку Програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој, а Локалната самоуправа на Виница кофинансира над девет милиони денари од општинскиот буџет.

- Според договорот што во почетокот на ноември минатата година го склучивме со Центарот за развој на Источниот плански регион и со новиот изведувач „Свеан Инвест ДОО“ од Скопје, градежните активности за целосна реконструкција на киносалата треба да завршат најдоцна до 15 мај годинава. Со проектот е предвидено санирање на постојните простории и додавање на нови содржини што ќе ја дополнат и збогатат функцијата на целиот објект. Предмет на разработка се киносалата, влезното фоаје, како и решавање на кровниот покривач и изработка на нова фасада. Сите градежни работи се веќе почнати и очекуваме навремена реализација, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.

Кино салата во Виница е лоцирана во централното градско подрачје и со децении не беше во функција поради дотраеноста, а во објектот немаше ниту соодветна електрична, водоводна и канализациска инсталација.

По комлетирањето на градежните работи за реконструкција ќе се постави и потребната техничка опрема, а потоа целиот објект ќе му биде преотстапен на Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница. та/цр

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан