Продолжува битката со огнената стихија во близина на Атина
- Над 300 пожарникари интервенираат во двата пожари што претпладнево избувнаа на две локации во западниот и југоисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, а вкупно осум пораки
Атина, 16 август 2021 (МИА) – Над 300 пожарникари интервенираат во двата пожари што претпладнево избувнаа на две локации во западниот и југоисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, а вкупно осум пораки за евакуација од бројот за итни случаи 112 беа испратени до локалното население во деловите во близина на огнената стихија, јави дописничката на МИА од Атина.
За ситуацијата со пожарите вечерва информираше министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис.
-Уште еден тежок ден со 45 нови пожари, а во целата држава денеска противпожарните служби се соочуваат и справуваат со вкупно 96 пожари, рече Хрисохоидис.
Ситуацијата со пожарот што изби во 10.26 часот во југоисточниот дел на областа Атика, според министерот, е подобрена, а огнената стихија брзо се проширила поради силниот ветер што достигнал јачина и до седум Бофор.
Интервенираат 104 пожарникари со три пешадиски тима, 40 возила осум авиони 11 хеликоптери, а од бројот за итни случаи 112, во конкретниот регион биле испратени три пораки за превентивна евакуација на три населби.
Вториот пожар, што изби речиси три часа подоцна во западниот дел на Атика, гори густа шума и е во близина на населени места, но засега според Хрисохоидис нема опасност за домовите.
Во конкретниот регион од бројот 112, во текот на денот биле испратени пет пораки за евакуација на жителите на седум населби, а интервенираат 240 пожарникар со четири пешадиски тим и 82 возила, девет хеликоптери и осум авиони.
Хрисохоидис истакна дека „во овој момент се зајакнуваат напорите за обезбедување на населбите“ и спречување пожарот да се прошири на населените места.
-Продолжуваме со напорите за справување со денешните пожари, а во овие напори бараме ваша соработка и истовремено упатуваме апел, пред се за ваша безбедност да ги следите упатствата на властите, им порача на граѓаните министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис.
Процените во Грција се дека следи тешка ноќ и на двата фронта, со оглед на тоа дека воздушните средства не интервенираат навечер, а пожарите ќе продолжат да се гаснат само од копно. ср/сд/