• понеделник, 23 декември 2024

Продолжување со набавка и навремена достапност на најсовремената терапија за третман на дијабетес бараат од Сојузот на здруженија на дијабетичари

Продолжување со набавка и навремена достапност на најсовремената терапија за третман на дијабетес бараат од Сојузот на здруженија на дијабетичари

Скопје, 5 јули 2023 (МИА) - Продолжување со набавка и навремена достапност на најсовремената терапија за третман на дијабетес и едукација во центрите за дијабетес, побараа денеска  од Сојузот на здруженија на дијабетичари. 

- Ние како сојузно здружение на дијабетичари, после шест месеци преписки, дописки со Министерството за здравство решивме да почнеме да излегуваме надвор бидејќи сакавме да бидеме конструктивен елемент, достоинствени бидејќи знаеме дека сме голема маса на луѓе, да не правиме дополнителни трауми. Решивме да искреираме приоритетни пет барања што сакаме годинава да се остварат. Знаеме дека треба Министерството и Владата да спроведат процедури, но тоа се прави за брзо време, рече на денешната прес-конференција Димче Велев, претседателот на Сојуз на здруженија на дијабетичари.

Тој информираше дека во текот на вчерашниот ден имале работна средба со министерот која ја оцени како многу конструктивна. 

-Министерот изрази став дека не е задоволен од тоа што се случува во Министерството. Тој како нов министер не се жали, знаел дека има проблеми и дека ќе ги решава. Меѓутоа законските процедури и правила што постојат се почитуваат во однос на тендери и постапки и понудивме ние наши решенија. Беше и претседателот на Националната комисија за дијабетес, Ирфан Ахмети којшто исто даде поддршка на соодветните барања и сега сме договорени најбрзо што може, Сојузот на здруженија преку Националната комисија која е работно тело на Министерството за здравство по закон, да ги доработиме овие барања и заеднички кај министерот да отидеме со конкретни предлог решенија, рече  Велев.

Тој додаде дека бараат продолжување со набавка и навремена достапност на најсовремената терапија за третман на дијабетес. 

- Знаете доцнеа инсулини, доцнеше и антидијабетна терапија и се уште доцни. На министерот му кажавме дека нас не ни е јасно зошто, особено антидијабетната терапија се уште доцни кога е стасана во државава, потпишани договори. Нас не не интересираат компјутери, Мој термин, нас не интересира константноста, резервите да си бидат каде што треба и таа терапија навреме да ја добиваме. Министерот рече дека најбргу што може ќе изреагира. Таа терапија треба да се појави и утре или наредниот во аптеките, додаде Велев.

Од Сојузот на здруженија побарале и поддршка за едукација откако над 70 проценти од опфатените со анкета лани за квалитетот на животот на лицата со дијабетес во однос на здравјето изјавиле дека нема едукација.

-Затоа бараме прво едукација во самите центри за дијабетес, да им се овозможи едукација по медицински протокол кој што постои во Скопје и во уште еден или два градови, а имаме 41 центар за дијабетес. Во секој од нив сакаме медицинската сестра и докторот да дадат едукација целосна и плус да добиеме едукативни кампови и едукација која што ние веќе ја вршиме во овие години, да не поддржат и во тоа со издавање на книги, на соодветен едукативен материјал, дури и електронски за да може што побргу да се превенира дијабетесот, информираше Велев. 

Тој се осврна и на барањето на Сојузот околу глукомерите да бидат достапни за сите лица со тип 1, а предност да имаат децата, за што рече, има тендери и веќе ќе има сензори за децата. Додаде дека има околу 5000 лица со дијабетес тип 1.

- Второто барање, кое што за министерот е прифатливо да се доработи и да се види моделот, а тоа е референтна цена. Тоа значи како за сите други помагала, очила, корсети, нас докторот ни дава потврда, ние со таа потврда одиме во аптека, државата во аптеката ги овозможила лентите, апаратите по цената што ја има во самата потврда да го има, но да ги има и сите други посовремени глукомери. Околу 30 ги има во соседна Грција и Србија, околу 30 типови на глукомери. Во Македонија има осум до 10 глукомери и тие се стандарните што ние до сега сме ги добивале, соопшти тој. 

Велев апелираше секој да го има основното право сам да си ја бира терапијата, помагалата.

- Во однос на сегашната година министерот информираше дека не може назад, доколку денес Второстепена жалбена комисија не ги одбие приговорите, доколку ги одбие веќе ќе може веднаш да се разговара за ова. Она што јас и ние се надеваме како Сојуз е дека изборот што го направила Комисијата и ако ги поништат жалбите, ние на 20 јули треба да ги добиеме новите ленти и глукомери, за кои што се надеваме дека ќе бидат целосно исправни, квалитетни и дигитализирани. Не имаме добиено терапија веќе седум месеци. Законски од денеска до 20 јули треба да стасаат после одлуката на Второстепена државна комисија. Доколку не ги добиеме и на 20ти ние тогаш ќе дојдеме овде и од тука ќе тргнеме до Владата и ќе почнеме со личното обраќање заедно со пациентите, подвлече Велев. 

Тој рече дека како Сојуз можеле да обезбедат 400 апарати како донација за најзагрозените лица со дијабетес.

- Ззначи ова Министерство може да обезбеди поголеми донации и навреме да се дистрибуира. Кога ние како Сојуз успеавме 30 сензори за лица со тип 1 да им обезбедиме, Министерството може многу повеќе, нагласи Велев. 

Јордан Синадинов, претседател на Здружение на дијабетичари од Кочани, рече дека  проблемите важат и за нивната општина.

- Навистина ние веќе шест месеци немаме ленти. Еве денеска проверив немаме и игли, и за жал немаме сетови за инсулински пумпи, значи најмладата категорија, децата, не можат да дојдат до инсулин. Се снаоѓаме меѓу себе, комуницираме, имаме заеднички контакти, си помагаме, кој има на залиха по едно по две пенкала, се снаоѓаме, нагласи тој. 

Запрашан што е со оние најзагрозените, како тие се снаоѓаат и колку пари требаат за да се исфинансираат ленти, игли и се друго, Синадинов вели зависи од квалитетот на лентите и бројот на мерења што се вршат на ден.

-Едно пакување на ленти е најмалку 700 денари за 50 лентички. Сега кој како е одговорен и како мери. Некои мерат по еднаш дневно за што е доволно едно пакување ленти, меѓутоа за жал кај дечињата и кај оние што се на инсулин имаат по 4, 5 мерења дневно. Така да тоа се околу 2000 до 3000 денари дополнителен трошок. За жал тоа оди на терет на семејните буџети, мора да одделуваме од нас за самите да си купуваме, подвлече Синадинов. 

Во Кочани, како што соопшти тој, на инсулин се околу 700, а на останатата терапија има уште 2500-3000 лица. бд/сан/

Фото : МИА 

 

Остани поврзан