• петок, 22 ноември 2024

Продолжија ракетните напади врз јужниот дел на Израел, Газа целосно без струја

Продолжија ракетните напади врз јужниот дел на Израел, Газа целосно без струја

Ерусалим, 11 октомври 2023 (МИА) - Ракетните напади од Појасот Газа врз јужниот дел на Израел продолжија и денеска по неколкучасовно затишје. 

Регистриран е најмалку еден директен удар во зграда во станбена населба во градот Сдерот. Итната помош соопшти дека во тие напади едно лице е полесно повредено, пренесува „Тајмс оф Израел“. 

Според израелската армија, палестинската милитантна група Хамас истрелала повеќе од 5.000 ракети од саботата, кога го започна нападот врз Израел. 

Снабдувањето со електрична енергија во Газа ќе биде целосно прекинато во следните неколку часа, што ќе ја ограничи можноста за обезбедување основни услуги, соопшти денеска владата на палестинската енклава под контрола на Хамас. Во соопштението се наведува дека сите основни услуги во Газа зависат од струја, а генераторите нема да можат да работат поради спречување на протокот на гориво преку граничниот премин Рафах со Египет, јави Си-Ен-ЕН. 

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галан во понеделникот нареди „целосна опсада“ на Газа, нагласувајќи дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија, храна, вода и гориво во палестинската енклава по нападот на Хамас. 

Илјадници Палестинци во градовите ширум окупираниот Западен Брег денеска организираа демонстрации поради израелските удари врз Појасот Газа, а во судирите со израелските сили што следеа, некои беа повредени, јавија палестински медиуми. 

Демонстрантите носеа палестински знамиња и слики од жртвите убиени во Газа. Според извештајот, десетици илјади луѓе учествуваат на масовни протести во Рамала, Џенин, Калкилија, Тулкарм, Хеброн, Тубас, Наблус, Ерихон, Каландија, Шуфат.... 

Според палестински медиуми, имало судири меѓу десетици демонстранти и израелските сили на многу места, но и на воени контролни пунктови на Западниот Брег, каде што многу Палестинци биле повредени со истрели од огнено оружје и солзавец. Израел подигна беспилотни летала во воздушниот простор на Западниот брег и испрати стотици свои војници на контролни пунктови и конфликтни области. 

САД разговараат со Израел и Египет за воспоставување коридор за евакуација на цивили од Појасот Газа, во време кога израелската армија врши напади врз палестинската енклава, по нападот на Хамас во текот на викендот, изјави американскиот советник за Националната безбедност, Џејк Саливан. 

„Фокусирани сме на тоа прашање, консултациите се во тек. За тоа се разговара подетално меѓу оперативните агенции и не сакам да го објавам премногу јавно во овој момент“, изјави Саливан. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан