• вторник, 24 декември 2024

Продажбата на мало во еврозоната падна за 11,7 проценти во април

Продажбата на мало во еврозоната падна за 11,7 проценти во април
Брисел, 4 јуни 2020 (МИА) - Прометот на малопродажбата во еврозоната бележи значителен пад во април, при што опадна куповната моќ речиси на сите производи, вклучително и храна и пијалоци, бидејќи ограничувањата за движење поради коронавирусот беа во сила во текот на целиот месец. Продажбата во 19-члениот монетарен блок опадна за 11,7 проценти во април во однос на претходниот месец и за 19,6 проценти на годишно ниво, објави денеска агенцијата за статистика на Европската унија - Евростат. Ова е најголемата стапка на опаѓање на месечно ниво во серијата статистички податоци на Евростат кои датираат од 1999 година и го надмина претходниот рекорд од март, кога продажбата на мало падна на 11,1 процент. Исто така, ова е најлош индикатор на годишно ниво, бидејќи пред март таа стапка не била негативна уште од крајот на 2013 година. Единствена позитивна работа е големиот скок на поштенските нарачки и набавките преку Интернет, кои во април, во однос на март, се зголемија за 10,9 проценти. Така, продажбата на храна, пијалоци и цигари, како и лекови и медицински производи се намали. Најголем месечен пад на продажбата на мало во април кај членките на еврозоната беше забележан во Малта и Ирска, а на годишно ниво во Франција и Шпанија. Кипар, Грција и Италија не дадоа податоци за продажбата на мало за април. Финска беше единствената земја каде малопродажбата е поголема за 0,3 проценти во април отколку претходниот месец. паг/

Остани поврзан