• понеделник, 23 декември 2024

Пробиштип доби нов објект за згрижување на деца во градинката „Гоце Делчев“

Пробиштип доби нов објект за згрижување на деца во градинката „Гоце Делчев“

Пробиштип, 24 август 2023 (МИА) - Пробиштип доби нов објект во рамки на детската градинка „Гоце Делчев“. Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар  Ковачевски, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов беа дел од свеченсота во градинката. Објектот „Срничка“ е изграден пред педесетина години, за првпат добива реконструкција и проширување, а со тоа се елиминираат долгите листи на чекање.

- За нецели шест години досега низ државата се отворени 81 објект за предучилишно воспитување и образование со опфат од над 5.400 деца и 12 Центри за ран детски развој, коишто имаат опфат од 400 деца. Тоа е влез на нови над 5.800 деца во предучилишниот процес. Новите градинки се градат по светски стандарди, меѓутоа овозможуваат и нови вработувања, вели Ковачевски. Министерката, Тренчевска вели проширувањето на објектот ќе овозможи простор за нови 74 дечиња во детската градинка, како и вработување на нови 25 лица за потребите на објектот.

-Значењето на овој објект, оваа доградба на градинката „Гоце Делчев“ е, навистина, големо и таа ќе овозможи уште 74 дечиња до шестгодишна возраст преку игра да зачекорат во воспитно-образовниот процес и да се стекнат со своите први знаења и вештини, истакна Тренчевска. Неодамна во Пробиштип беше пуштен и во употреба и објектот „Детелинка“, кој е еден од четирите објекти на градинката, вклучувајќи го и проширениот објект „Срничка“. Другите два објекта, „Цветови“ во Пробиштип и „Изворче“ во Злетово, се изградени во 1982, односно 1984 година.

-Ретко кој градоначалник имал можност за само четири години да пуштаме во употреба втор објект. На 5 јуни 2019 година се пушти објектот во населба Калниште, еве нѐ денеска овде на овој, навистина, преубав објект, додаде градоначалникот на Општина Пробиштип, Анастасов.

 Новиот објект е вреден половина милион евра, а е дел од проектот за вкупно десет детски градинки, вреден 13 бмилиони евра, пари обезбедени преку Светска Банка. вдј/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан