• вторник, 24 декември 2024

Проактивна транспарентност на институциите за поефикасно користење информации од јавен карактер

Проактивна транспарентност на институциите за поефикасно користење информации од јавен карактер
Скопје, 1 февруари 2021 (МИА) – Има напредок во користењето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, но неопходно е понатаму да се работи на унапредување на овој процес. Ова е заклучокот на јавната дебата „Ефикасно користење на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во процесот на јакнење на интегритетот на јавните институции со посебен акцент на младите“, што ја организираше Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Како што пренесуваат од Агенцијата, на дебатата, која е дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Република Северна Македонија“ кој е финансиран од Европската Унија, директорка на Агенцијата, Пламенка Бојчева, истакнала дека правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е загарантирано со Уставот (член 16, став 3) и граѓаните треба што повеќе да го користат ова право. - Транспаретноста и отчетноста на институциите се основа за развој на демократијата и владеење на правото. И покрај унапредувањето на законската рамка од оваа област, ние мора и понатаму да работиме на подигнување на свеста, особено кај раководните структури во институциите за да создадеме култура во која тие самите ќе ги објавуваат информациите од јавен интерес, без да чекаат да стигне барање за тоа. Покрај тоа, важно е да ја унапредиме постапката и да ја направиме ефикасна и едноставна за сите, а особено за младите, што е од исклучително значење во овој процес, истакнала Бојчева. На важноста на унапредувањето на процедурата и создавањето повисока свест за користење на уставните и законските права укажал и Александар Кашумов, клучен експерт на слободен пристап до информации од јавен карактер во проектот, кој посочил дека новиот закон е добра основа за дополнително унапредување на процесот, информирање на јавноста и поголема ефикасност на институциите. Според Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, нивото на кое сега се наоѓа праксата за добивање на слободен пристап до информации од јавен карактер не е високо, но имаме голем прогрес доколку направиме споредба со состојбите пред 15 години. - Навистина направено е многу, но младите мора да разберат дека ова е значаен процес кој овозможува не само поголема отчетност на институциите, туку и поголема одговорност. Апелирам до институциите проактивно да ги објавуваат информациите кои се од јавен карактер, во јавна и лесно достапна форма, истакнал Филков. Петар Барлаковски, претседател на Младинскиот образовен форум, истакнал дека и покрај напредокот, институциите сѐ уште го отежнуваат процесот на добивање информации од јавен карактер, создавајќи бирократски лавиринт и префрлање на одговорноста. Подигнувањето на свеста на јавноста за важноста од јакнење на интегритетот на институциите и користењето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во борбата против корупцијата се меѓу главните цели на кампањата за интегритет што ја спроведуваат Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. ар/лв/  

Остани поврзан