• недела, 07 јули 2024

Принцот Чарлс го прочита говорот на кралицата во Парламентот

Принцот Чарлс го прочита говорот на кралицата во Парламентот
Лондон, 10 мај 2022 (МИА) - Принцот Чарлс денеска ја замени својата мајка, Елизабета Втора и присуствуваше на официјалното отворање на едногодишната седница на Парламентот и го прочита традиционалниот говор на кралицата. Кралицата Елизабета Втора, по совет на лекари, одлучи да не присуствува на церемонијата. Британски медиуми го оквалификуваа тоа како „историски момент“ што се случува поради здравствените проблеми на кралицата. Принцот Чарлс пристигна во Вестминстер во време кога се пееше химната. Наследникот на тронот, 73-годишниот Чарлс во униформа одржа говор во име на кралицата, во кој ги објави програмските и политичките насоки на Владата на отворањето на парламентарната седница. Кралицата Елизабета досега го пропушти државното отворање на парламентот само двапати за 70 години, кога беше бремена со принцот Ендру во 1959 година и принцот Едвард во 1963 година. Дејли Мејл напиша дека кралицата „сè уште навистина ги држи конците во раце“, но истакнува: „Но, немојте да се залажувате. Ова е навистина историски момент за круната“. Во традиционалниот говор на кралицата, напишан од Владата, премиерот Борис Џонсон наведува дека неговата конзервативна влада „ќе ги исполни ветувањата“ дадени пред општите избори во 2019 година.

Владата на нејзиното височество ќе го стимулира економскиот раст за да го подобри животниот стандард и да финансира одржливи инвестиции во јавните услуги. Сето ова ќе биде придружено со одговорен пристап до јавните финансии и намалување на долгот, а во исто време реформирање и намалување на даноците, истакна Чарлс читајќи го текстот.

Во говорот на кралицата беа наведени 38 нацрт-закони кои, меѓу другото, ќе ја направат познатата лондонска финансиска област попожелна за светските инвеститори откако земјата ја излезе од ЕУ. ми/

Остани поврзан