Принцот Хари непоканет за роденденската свеченост во чест на кралот Чарлс
- Британскиот крал следната недела во „Кларенс хаус“ ќе го прослави својот 75. роденден, но принцот Хари „нема да патува од Калифорнија“, како што истакна гласноговорникот на принцот.
Лос Анџелес, 8 ноември 2023 (МИА) - Војводата од Сасекс, британскиот принц Хари нема да присуствува на роденденската свеченост во чест на својот татко, кралот Чарлс Трети.
Британскиот крал следната недела во „Кларенс хаус“ ќе го прослави својот 75. роденден, но принцот Хари „нема да патува од Калифорнија“, како што истакна гласноговорникот на принцот за „Пипл“. Принцот, инаку, од 2020 година, со сопругата Меган Маркл и нивните две деца живеат во САД.
- Како одговор на насловите во британските медиуми, немаше контакт во врска со покана за претстојниот роденден на Неговото височество. Разочарувачки е што „Сандеј тајмс“ објави погрешна вест, изјави претставникот на војводата и војвотката од Сасекс.
Овој јаз меѓу принцот Хари (39) и неговото семејство, се чини, е продлабочен по издавањето на мемоарите на британскиот принц, претходно оваа година. Војводата од Сасекс во мај отпатува во Велика Британија за присуството на крунисувањето на неговиот татко, без својата сопруга, која остана во САД за прославата на роденденот на нивниот син истиот тој ден. Набргу по главната свеченост во Вестминстерската опатија, принцот Хари се упати кон аеродромот заради летот дома. си/сд/
Фото: МИА архива