• понеделник, 04 ноември 2024

Принцот Вилијам заработил над 23 милиони фунти како војвода од Корнвол за финансиската 2023 / 24 година

Принцот Вилијам заработил над 23 милиони фунти како војвода од Корнвол за финансиската 2023 / 24 година

Лондон, 24 јyли 2024 (МИА) - Принцот Вилијам добил скоро 28 милиони евра на својата сметка за неговата прва година како војвода од Корнвол - имот и титула што ги наследи од неговиот татко, Чарлс Трети, кога кралот седна на престолот, објави порталот „Тијалото“.

Војводството Корнвол го објави својот интегриран годишен извештај на 24 јули, откривајќи распределен вишок од 23,6 милиони британски фунти за финансиската 2023 / 2024 година. Ова е прва целосна година за принцот Вилијам на имотот. Оваа сума ги покрива официјалните, добротворните и личните трошоци на престолонаследникот, неговата сопруга, Кетрин - Кејт Мидлтон и нивните три деца.

Како член на кралското семејство, 42-годишниот принц од Велс не добива обичен приход. Наместо тоа, неговите годишни трошоци во голема мера се покриваат од Војводството Корнвол. Имотот е создаден од кралот Едвард Трети во 1337 година токму за да обезбедува средства за наследникот на престолот. Станува збор за имот вреден нешто помалку од 800.000 фунти, со околу 525 квадратни километри во 23 окрузи во Англија и Велс којшто вклучува земјиште, куќи и други средства за приходи на престолонаследникот и неговото семејство.

Се смета дека Вилијам плаќа бруто данок на доход на сите приходи што ги добива од Војводството.

Кога Чарлс Трети беше крунисан за крал во 2022 година, принцот Вилијам ја презеде и титулата војвода од Корнвол, како владар, т.е. сопственик на Војводството. Во извештајот, се спомнува и промена на улогата на принцот и во Фудбалската асоцијација на Англија. Како посветен фудбалски навивач, имено, Вилијам сега ќе биде покровител на ФА, пост што претходно ѝ припаѓаше и на неговата баба, кралицата Елизабета Втора. Вилијам, инаку, е претседател на ФА од 2006 година. Промената ја одразува неговата сегашна повисока улога како принц од Велс.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан