• среда, 27 ноември 2024

Принцезата Леонора положи заклетва како шпанска престолонаследничка

Принцезата Леонора положи заклетва како шпанска престолонаследничка

Мадрид, 31 октомври 2023 (МИА) - Шпанската принцеза Леонора од Бурбон денеска, на нејзиниот 18-ти роденден, положи заклетва на Уставот за да стане престолонаследник на престолот- иден шеф на шпанската држава.

Во присуство на нејзиниот татко - кралот Фелипе Шести, мајката - кралицата Летиција и сестрата, малолетната Софија, принцезата Леонора положи заклетва на вонредната свечена заедничка седница на двата дома на Парламентот.

Нејзиниот татко го изврши овој задолжителен службен чин во 1986 година, а нејзиниот дедо, Хуан Карлос I, во 1969 година.

Облечена во елегантен бел смокинг, Леонора положи заклетва на истата копија од Уставот како и нејзиниот татко пред 37 години.

На свеченоста таа кажа: „Се колнам дека верно ќе ги исполнувам моите функции, дека ќе ги штитам Уставот и законите, ќе ги почитувам правата на граѓаните и автономните заедници и дека ќе му бидам верна на кралот“. 

Потоа таа доби неколкуминутен аплауз и бакнеж од видно возбудениот татко, кралот Фелипе.

Леонора ужива многу висока репутација и популарност во Шпанија, каде што постојано се дебатира за монархијата.

Кратка церемонија со интонирање на националната химна беше емитувана на телевизија и на неколку огромни екрани низ улиците на Мадрид. Голем број луѓе се собраа околу парламентот под национални знамиња извикувајќи „Да живее Шпанија!“.

Премиерот во заминување Педро Санчез и други политичари присуствуваа на церемонијата во парламентот, но таа беше бојкотирана од радикалната левичарска партија која се противи на монархијата, како и претставниците на баскиските, каталонските и галициските партии кои се залагаат за независност од Шпанија. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан