• понеделник, 23 декември 2024

Прилеп подготвен за „Пивофест“

Прилеп подготвен за „Пивофест“

Прилеп, 13 јули 2022 (МИА) - Прилеп е подготовен за 18-тото издание на една од најголемите летни забавни фестивалски манифестации - „Пивофест 22“. За сообраќај е затворено централното подрачје и веќе се поставуваат штандовите и сцените за четиридневното одржување на Фестивалот. Пивофест ќе почне утре, на 14 и ќе трае до недела - 17 јули.

Градските власти и организаторот - продукцијата „Арт 10“ уверувааат дека се направени сите подготовки за фестивалот непречено и безбедно да понуди добра забава, вкусна храна и дегустација на познатитот пенлив пијалак - пивото. Штандовите ќе бидат на над 3 500 метри квадратни. Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески вели дека е обезбеден доволен паркинг простор за возилата на сите посетители и гости сите четири фестивалски денови.

- Прилеп од утре ќе дише со Пивофест. Градот е максимално подготвен за најголемата забава во Македонија - Пивофест 2022.  Обезбедивме доволен број на паркинг места. Уште на влезовите на градот ќе бидат пречекани оние кои планираат овој продолжен викенд да го посетат Прилеп.  И, во однос на јавниот ред и мир, и во однос на чистотата, и во однос на хигиената  на градот и во однос на водоснабдувањето, благодарение на работењето на јавните комунални претпријатија, сме максимално подготвени.  Очекуваме над 100 илјади гости во четирите фестивалски денови. Тоа е бројка за почит и е добра за локалната економија, не само на Прилеп, туку и за целиот пелагониски регион, рече Јовчески на денешната прес-конференција.

Пеце Стојкоски од „Арт 10“ продукцијата, организатор на Фестивалот, вели дека се враќа сјајот на Пивофест по двегодишната пандемиска пауза. На четирите фестивалски вечери доминираат македонските пејачи, но ги има и од Балканот.

- Очекуваме да се врати сјајот на една од најголемите летни забавни фестивалски манифестации „Пивофест“. Пожеби поскромни од претходните години, но нема да изостанат забавите и релаксацијата сите четири фестивалски дена. На посетителите им се нудат вкусна скара, дегустација на 30-тина видови пиво. Од музички аспект доминираат македонските изведувачи, но ги има и од соседните земји. Најбитно е сето да помине во најдобар ред и со големи забави, рече Стојкоски.

Според програмата ќе има добра музика и на главната и на алтернативната сцена. Утре, на 14 јули, програмата на главната сцена започнува во 18 часот, а настапуваат: Елена Петреска, Балканика, Нино Величковски, Ален Хасановиќ, Наум Петрески, Љубојна, ДНК, Џамбо Агушев оркестра, додека пак на алтернативната сцена ќе настапи DJ Mario Eddie.

В петок, на 15 јули, програмата на главната сцена започнува во 19 часот, а настапуваатРок Блуз Бенд, Игор Џамбазов и Гуру Харе, Нокаут, Ареа, Дивље Јагоде, Brass Brothers, додека пак на алтернативната сцена ќе настапaт DJ Anna Noodle и Lili Diva. В сабота, на 16 јули, програмата на главната сцена е од 18.45 часот, а настапуваат: Ламбе Алабаковски, Некст Тајм, Лозано, Суперхикс, Хари Мата Хари и Вера Јанковиќ, додека пак на алтернативната сцена ќе настапат момците од ROOMMANIA: DJ Mitrik, DJ Alexandar и DJ Dimitr.

В недела, 17 јули, на последниот фестивалски ден на главната сцена програмата започнува во 18.45 часот, а настапуваатНикола Зацевски, Елена Велевска, Миле Кузмановски, Темпера, Меморија, Галија, додека пак на алтернативната сцена ќе настапи DJ Babura Junior. ем/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан