• среда, 25 декември 2024

Прилепскиот театар прославува 74 години од основањето

Прилепскиот театар прославува 74 години од основањето

Прилеп, 17 февруари 2024 (МИА) -   Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ денеска прославува 74 години од основањето. Во 1950 година, на 17 февруари, ансамблот ја изведе првата претстава „Кир Јања“ од Јован С. Поповиќ во режија на Аце Михајлоски со што го означи почетокот на богатата театарска дејност и остави неизбришливи траги во уметноста со изведбите и со значајните театарски имиња за македонската култура.

Седумдесет и четири годишната дејност ансамблот ќе ја одбележи в среда со најновата претстава „Стапица за глувци“, според текст на Агата Кристи во режија на Борис Василески. Одбележувањето на годишнината беше закажано за вечер, но поради здравствени проблеми на актер од претставата, изведбата е презакажана за в среда. Од Театарот информираат дека важат сите влезници и само да се потврдат резервациите.

Прилепскиот народен театар досега извел околу 360 премиери, а се одиграни преку 7 500 претстави кои ги гледале над 1, 7 милиони луѓе. Најгледаната и најиграна претстава, изведена стопати, е “Солунски патрдии” од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски.

Голем успех на домашната и меѓународната сцена театарот постигна  и со претставите „Тапани во ноќта“, „Кавкаскиот круг со креда“, „Швејк...“ во режија на Мартин Кочовски. Голем успех постигнаа и претставите:  “Силјан Штркот” според Цепенков, во режија на Бранко Ставрев, потоа “Кумови”, Собирен центар”, “Туѓо сакаме свое не даваме”, “Колобан”, “Молам за секс”.... Белег во повеќедеценискот растеж на театарот дале и претставите “Спиро Црне” од Б.Р. Платнар во режија на Владимир Милчин, “Колобан” од Блаже Алексоски во режија на Љубиша Георгиески, “Арсениј” од Благоја Ристески Платнар, “Полковникот птица” од Христо Бојчев и “Опера за три гроша” од Брехт и двете во режија на Владо Цветановски.

Претстава “Тапани во ноќта” од Бертолд Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која во 2008 година освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, а претставата ,,Кавкаскиот круг со креда“ која во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „ЕХ Понто во Љубљана“, Словенија. Ансамблот има освоено дсетина награди за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Со години се бара, но се уште нема ништо конкретно дека ќе почне да се гради нов театар во склопот на Домот на културата „Марко Цепенков“.ем/лв/

фото извор: Народен театар „Војдан Чернодрински“

Остани поврзан