• понеделник, 23 декември 2024

Приврзаниците на Бериша во ДП ќе ја бојкотираат, а на Алибеај ќе присуствуваат на инаугурацијата на новиот албански претседател

Приврзаниците на Бериша во ДП ќе ја бојкотираат, а на Алибеај ќе присуствуваат на инаугурацијата на новиот албански претседател
Тирана, 23 јули 2022 (МИА) - На утрешната посебна седница на албанскиот Парламент, на која новиот претседател Бајрам Бегај ќе даде свечена заклетва, нема да присуствуваат демократските пратеници кои застанаа зад поранешниот лидер Сали Бериша.
Од таму за Топ чанел потврдиле дека ќе ја бојкотираат седницата, со образложение дека изборот на новиот претседател бил неуставен.
Од друга страна, Енкелејд Алибеај, кој по оставката на Љуљзим Баша, е вршител на должноста претседател на Демократската партија, најави дека неговата група ќе биде присутна на седницата иако "нивниот став е јасен".
Тој појаснува дека претседателот Бегај го претставува едностраниот избор на мнозинството, но додава дека тие ќе го почитуваат Уставот и институциите, а не поединците.
- Ние ќе присуствуваме на утрешната седница во Собранието, која е предвидена со Уставот. Нашиот став за господинот Бегај и понатаму е ист и јасен. Тој го претставува едностраниот избор на мнозинството и не претставува половина од Албанците. Но, има разлика меѓу поединецот Бајрам Бегај и Претседателот на Републиката, како институција. Ние сме ги почитувале и ќе ги почитуваме Уставот и институциите, а не поединците. Ние сме многу јасни околу оваа позиција, изјавил Алибеај.
Тој додаде дека и во 2017 година, кога за претседател беше избран Илир Мета, демократите не учествуваа во гласањето, но присуствуваа на седницата на која тој даде свечена заклетва.
Бегај (55) како предлог на владејачките социјалисти беше избран на 4 јуни со 78 гласови "за" од 140 пратеници колку што брои парламентот.
Тој е осмиот претседател на Албанија по падот на комунизмот, односно по Рамиз Алија, Сали Бериша, Реџеп Мејдани, Алфред Моисиу, Бамир Топи, Бујар Нишани и Илир Мета.
Седницата е закажана за 18 часот, на која освен заклетвата Бегај ќе има обраќање до пратениците. вт/сд

Остани поврзан