• понеделник, 23 декември 2024

Приведени тројца инженери од „Крушик“ во Ваљево поради шпионажа за „АТС груп“ од Северна Македонија

Приведени тројца инженери од „Крушик“ во Ваљево поради шпионажа за „АТС груп“ од Северна Македонија

Белград, 22 јули 2024 (МИА) - Во денешната акција на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Воено-бебедоносната агенција (ВБА), МВР и Вишото јавно обвинителство во Ваљево, уапсени се тројца инженери од српската фабрика за производство на оружје и муниција „Крушик“ поради постоење основи за сомнение дека сториле кривично дело шпионажа затоа што во текот на 2024 година континуирано контактирале со државјани на Северна Македонија, вработени во компанијата „АТС груп“, на чело со Шевкет Демировски, јави дописникот на МИА од Белград.

-Осомничените М.О. (1987), Д. Л. (1960) и Д. М. (1961), се поранешни и сегашни инженери во холдинг компанијата „Крушик“ од Ваљево, кои од оваа фирма неовластено изнесувале доверлива деловно-техничка документација и ја предавале на странска организација, на штета на безбедносните, одбранбените, воените и други интереси, како и слабеење на моќта на Република Србија, се прецизира во соопштението на МВР.

По налог на Вишото јавно обвинителство Ваљево, на осомничените им е одреден притвор до 48 часа и со кривична пријава ќе бидат изведени во обвинителството.

Како што дознава РТС, постојат основи на сомнение дека инженерите кои беа приведени имале континуирани контакти со државјани на Северна Македонија, вработени во компанијата „АТС груп“, на чело со Ш. Д. (Шевкет Демировски).

Овој македонски бизнисмен беше уапсен на 11 ноември 2019 година во акција на БИА, ВБА и Вишото јавно обвинителство во Белград, заедно со пензиониран инженер во „Први партизан“ од Ужице и уште двајца инженери во таа фирма, поради сомневања дека како сопственик на „АТС груп“ од Скопје, преку пензиониран инженер во „Први партизан“ дошол во сопственост на деловно-техничка документација и податоци поврзани со технологијата на изработка на одредени машини, односно до технологијата на изработка на оружје и муниција која ја развива „Први партизан“.

Меѓутоа, по само еден месец, Ш. Д. беше пуштен со кауција од 200.000 евра за да се брани од слобода. Обвинителот во овој случај ја отфрли кривичната пријава против него, откако на 21.01.2021 година на име опортунитет платил 29.393.925 динари. Македонскиот бизнисмен на тој начин беше ослободен од сомнение за кривичното дело поткуп при вршење на стопанска дејност.

Провладините медиуми во Србија, акцент на веста за апсењето на трите лица поради шпионажа го ставаат на обвинителката Милена Божовиќ која во 2021 година ја отфрли кривичната пријава против Шевкет Демировски, наведувајќи дека „таа во јавноста е позната како една од неколкуте обвинителки што ја потпишаа опозициската иницијатива „ПроГлас“, иако на јавните обвинители им се забранува каква било политичка активност. об/мд/

 

Остани поврзан