• понеделник, 25 ноември 2024

Претседателот Пендаровски на Самитот на НАТО во Мадрид

Претседателот Пендаровски на Самитот на НАТО во Мадрид

Скопје, 28 јуни 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски од денеска е во тридневна посета на Мадрид, Кралството Шпанија, каде што ќе учествува и ќе ја предводи делегацијата на Република Северна Македонија на Самитот на НАТО. Во состав на државната делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Според агендата, денеска претседателот Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска ќе присуствува на свечена вечера, која во чест на лидерите на земјите членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредува кралот на Шпанија, Фелипе Шести и неговата сопруга кралицата Летиција.

Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, утре и задутре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави и влади.

Пендаровски утре во придружба на сопругата, ќе присуствува на неформалната трансатлантска вечера на ниво на шефови на држави и влади, која ја приредува претседателот на Владата на Шпанија, Педро Санчез.

Во рамките на учеството на НАТО-самитот, предвидено е претседателот Пендаровски да има повеќе билатерални средби.

На НАТО-самитот во Мадрид ќе бидат адресирани ургентните безбедносни предизвици на денешницата и иднината. Лидерските состаноци на Северноатлантскиот совет е предвидено да бидат фокусирани на усвојување на новиот Стратегиски концепт, унапредување на одбранбените капацитети, споделување на товарот и снабдување со ресурси, поддршка за Украина и останати партнерства. дма/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан