• вторник, 05 ноември 2024

Претседателот Пендаровски додели сертификати на учесниците на првата Школа за политики

Претседателот Пендаровски додели сертификати на учесниците на првата Школа за политики
Скопје, 24 октомври 2021 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска додели сертификати на учесниците на Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование, за 2021 година. На школата, која се реализираше преку четири едукативни семинари во периодот од март до ноември 2021 година, со учество на еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство, учествуваа 41 млади на возраст од 25 до 35 години. Пендаровски при доделувањето на сертификатите, порача дека составот и постигнувањата на оваа прва генерација потврдува дека Школата е на вистинскиот пат да ја оствари оваа цел. -Избрани за учесници на отворен повик врз основа на личните постигнувања и заслуги и со почитување на разновидноста на нашето општество, вие покажавте, независно од личните, социјалните, политичките и другите разлики, дека македонското општество има капацитет за демократски развој и обединување околу клучните стратешки цели на државата, рече Пендаровски, се вели во соопштението од неговиот кабинет.. Учесниците на Школата за политики имаа можност да ги унапредат своите знаења во областа на демократскиот развој на политичкиот систем, функционирањето на правната држава, европската интеграција, социоекономскиот развој и економските политики во ерата на политичка и економска глобализација, надворешно политичките стратегии и приоритети на нашата држава и во регионот, членството во НАТО и безбедносниот аспект, како и политичката комуникација во време на дигиталната трансформација, дезинформациските кампањи и лажните вести и потребата за поголема транспарентност и внатрешна демократизација на институциите на власта. Поради пандемијата на Ковид-19, дел од обуките во рамки на Школата беа организирани онлајн, а дел со физичко присуство или во хибриден формат. Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование се реализираше во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт”, Фондацијата за демократија на Вестминстер, Фондацијата „Конрад Аденауер”, Националниот демократски институт за меѓународни работи, Меѓународниот републикански институт и фондацијата  „Македонија 2025“. аа/lv/

Остани поврзан