Претседателот Пендаровски го назначи Фрчкоски за ополномоштен амбасадор во ООН
- Претседателот на државата Стево Пендаровски со указ го назначи професорот Љубомир Фрчкоски за ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија при Организацијата на Обединетите нации во
Скопје, 2 март 2022 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски со указ го назначи професорот Љубомир Фрчкоски за ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија при Организацијата на Обединетите нации во Њујорк, потврдија за МИА од кабинетот на Пендаровски.
Инаку, уште во јуни минатата година Министерството за надворешни работи побарало од надлежната комисија во Собранието на Република Северна Македонија да закаже седница за презентација на тезите на кандидатот, согласно воспоставената пракса.
- Пред еден месец Министерството за надворешни работи упати втора замолница до истата комисија, но претседателот на комисијата повторно одби да закаже седница, по што претседателот Пендаровски го потпиша указот, затоа што сите законски услови беа исполнети, појаснуваат за МИА од Кабинетот на шефот на државата.
Според Кабинетот, постапката за именување амбасадор завршува со одбраната на тезите на кандидатот пред колегиумот на Министерството за надворешни работи, а тоа, подвлекуваат, Фрчкоски го има направено уште минатата година.
- Индикативно е што во изминативе десетина месеци, на осум кандидати за амбасадори им беше овозможено да ги презентираат своите тези пред собраниската комисија, само за кандидатот за амбасадор при нашата мисија во Обединетите Нации таква седница воопшто не беше закажана, велат за МИА од Кабинетот на претседателот Пендаровски. цр/мч/