• петок, 28 јуни 2024

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Азербејџан, Камил Касијев

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Азербејџан, Камил Касијев

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Азербејџан за Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Камил Касијев.

На свечената церемонија на предавање на акредитивните писма, Пендаровски изразил уверување дека Касијев со неговиот професионален ангажман ќе придонесе за натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји, чии односи се темелат на пријателство, почит и меѓусебно разбирање.

- Дозволете ми, да ја истакнам нашата искрена подготвеност за продлабочување на билатералните односи и меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес. Ве уверувам дека ќе продолжиме со сите неопходни активности и иницијативи за постигнување на овие цели и за унапредување на билатералниот политички дијалог, како и на иницијативите за зацврстување и проширување на сферите на соработка“, порачал претседателот Пендаровски во поздравното обраќање, соопштија од неговиот кабинет.

Амбасадорот Касијев во своето обраќање посочил дека политичките односи меѓу двете земји се развиваат во нагорна линија, но дека е неопходно продлабочување на економската соработка, како и соработката во областа на енергетиката, земјоделството, туризмот и инвестициите, каде ќе ги насочи своите лични напори и ангажмани.

- Сметаме дека политичките односи ќе продолжат да се зајакнуваат врз основа на почитување на нормите и принципите на меѓународното право, Повелбата на Обединетите Нации и Хелсиншкиот финален акт на ОБСЕ, особено во делот на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на меѓународните граници, истакнал амбасадорот Касијев.

Претседателот Пендаровски на амбасадорот Касијев му посакал успех во дипломатската мисија и изрази подготвеност за негова целосна поддршка во извршувањето на одговорната функција. цр/аа/

Фото: Претседател на Република Северна Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан