• петок, 22 ноември 2024

Претседателот на руската Дума предупреди дека украинските напади на руска територија со западно оружје ќе доведат до нуклеарна војна

Претседателот на руската Дума предупреди дека украинските напади на руска територија со западно оружје ќе доведат до нуклеарна војна

Москва, 19 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Долниот дом на рускиот Парламент - Државната дума, Вјачеслав Володин, денеска изјави дека украинските напади на руска територија со западно оружје ќе доведат до нуклеарна војна и дека рускиот одговор ќе биде цврст и со помоќно оружје, пренесоа британските медиуми.

Претходно денеска, Европскиот парламент усвои резолуција со која се бара на Киев да му се дозволи да напаѓа цели во Русија со западно оружје.

Володин предупреди дека предлогот на ЕП ќе доведе до „светска војна со употреба на нуклеарно оружје“.

„Денеска Европскиот парламент ги повика земјите од Европската унија да ги укинат ограничувањата на ударите на Киев со оружје со долг дострел на територијата на нашата земја, да ја зголемат воената помош за Украина, а исто така да објават собирање средства од населението во Европа за потребите на вооружените сили на Украина. Ова на што повикува Европскиот парламент ќе доведе до светска војна со употреба на нуклеарно оружје“, напиша Володин, на неговиот канал на мрежата Телеграм, пренесен од руските медиуми.

Првиот човек на Државната дума додаде дека Европејците треба да разберат дека на руските стратешки интерконтинентални балистички ракети РС-28 Сармат, познати на Запад како „Сатана 2“, им требаат само три минути и 20 секунди за да стигнат до Стразбур.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан