Претседателот на Олимпик Марсеј суспендиран 15 натпревари поради критикување судија
- Претседателот на фудбалскиот клуб Олимпик Марсеј, Пабло Лонгорија, доби забрана да присуствува на следните 15 натпревари во француската лига, откако неодамна го критикуваше судењето.

Париз, 27 февруари 2025 (МИА) – Претседателот на фудбалскиот клуб Олимпик Марсеј, Пабло Лонгорија, доби забрана да присуствува на следните 15 натпревари во француската лига, откако неодамна го критикуваше судењето.
Паралелно со ова, поранешниот напаѓач на Марсеј, Фабрицио Раванели, сега советник на клубот, е суспендиран на три натпревари.
Лонгорија и Раванели се казнети за нивните изјави по поразот на Марсеј на гости кај Оксер (0:3) во саботата, во 23. коло од француската лига.
По поразот на неговиот тим, Лонгорија пред телевизиските камери зборуваше за судиска кражба и „корупција“.
Во понеделникот, во интервју за агенцијата Франс прес, тој рече дека се извинува за она што го кажал.
„Сакам да кажам дека нема корупција во францускиот фудбал“, изјави 38-годишниот Лонгорија, нагласувајќи дека неговиот гнев „не бил соодветен“, но може да се објасни со „многу судиски одлуки кои биле на штета на Марсеј“.
Суспензијата на Лонгорија стапува во сила веднаш и тој нема да може да извршува никакви службени обврски на следните 15 натпревари. Исто така, му е забранет пристап на теренот и на сите премини кои водат до тие зони.
Казната ќе мора да ја одлежи и следната сезона бидејќи до крајот на францускиот шампионат остануваат уште 11 натпревари. ег
ФОТО: Фејсбук