• понеделник, 23 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков

Скопје, 17 јуни 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска ги примила акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова, таа ги нагласила македонскиот интерес и подготвеноста за натамошно севкупно унапредување и развој на односите и соработката со Казахстан во сите домени од заеднички интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова изразила надеж дека амбасадорот Буршаков во рамки на својот иден ангажман ќе придонесе кон нивно севкупно зајакнување внесувајќи притоа и нови содржини и форми преку поинтензивен политички дијалог и зајакната економска соработка.

Амбасадорот Сатибалди Буршаков, се наведува во соопштението, во своето обраќање истакнал дека од воспоставувањето на дипломатските односи, казахстанско-македонската соработка забрзано напредува врз основа на взаемните врски на пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички вредности. Амбасадорот додал дека е почестен што е првиот резидентен казахстански амбасадор во Скопје, истакнувајќи ја непоколебливата посветеност на неговата земја за јакнење на политичкото, трговското и инвестициското партнерство, како и продлабочување на културните врски во интерес на двата народа.

Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваниот амбасадор му посакала успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција. цр/нд/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова 

 

Остани поврзан