• понеделник, 23 декември 2024

Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми нема да оди во Судски совет

Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми нема да оди во Судски совет

Скопје, 6 ноември 2023 (МИА) - Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, нема да се појави  во Судскиот совет, каде беше повикана поради реакциите во јавноста дека се вршат политички притисоци врз судиите. Причината што Адеми нема да биде присутна на денешната закажана работна средба во највисокото судско тело ја образложи преку соопштение.

Во соопштението Адеми информира дека денеска, во овој предизвештаен период, веќе има закажано настан со Коалицијата „Сите за правично судење“ на кој ќе биде потпишан Меморандум за соработка во кој се акцентира и значењето на независноста на судството и отпорноста од политичките влијанија и притисоци. 

-Цврсто сум убедена дека оваа недела и во следниот период, веднаш по добивањето на извештаите на Европската унија и на Оценската комисија за работата на Судскиот совет, ќе се отворат суштинските прашања за проблемите во судството, но и ќе се даде јасен патоказ за чекорите кои треба да се преземат понатаму, потенцира Адеми во соопштението.

Според неа, констатациите од двата извештаи, вклучително и прашањето за политичките притисоци и влијанија набрзо ќе биде повод за размена на мислења и отворање на нова дискусија во рамки на работни настани и средби кои ќе дадат понатамошен придонес за владеењето на правото.

-Во врска со поканата од ден 03.11.2023 година до претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија за одржување на работна средба, би сакала да укажам на некои формално-правни аспекти кои би требало да бидат земени предвид. На почетокот, како Претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија нагласувам дека Врховниот суд како највисок суд во државата дава целосна поддршка на процесите за унапредување на транспарентноста на судството, се наведува во соопштението.

Примената на начелата на отворено и транспарентно судството, како и на слободата на мислата и на јавното информирање како загарантирани права во Уставот и во Европската конвенција за заштита на човековите права, како што посочува Адеми, се силна гаранција за осигурување на независноста на судството.

-Поаѓајќи од овие заложби, нагласени и во Декларацијата за отворено судство, а во контекст на Вашата покана за работна средба на која би се елаборирале објавени написи во медиумите, потенцирам дека написите за состојбите во судството, вклучително и написите за потенцијални или присутни влијанија, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството, вели Адеми.

Според неа, тоа впрочем е и една од целите на заложбите за отвореното судство, но и на напорите за заштита на самостојноста и угледот на судството и за јакнењето на довербата на граѓаните кон судската власт.

-Во оваа смисла, би сакала да истакнам дека во согласност со европските стандарди и практики во врска со прашањата од висок јавен интерес, отвореното судство има превентивна улога во спречувањето на обидите за политички или други влијанија, истакнува Адеми.

Според неа, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релеватните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството.

-Констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни. Имено, Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор. Политичките притисоци и влијанија се нагласени и во Извештајот на Прибе. Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото, вели Адеми.

Посочува дека последната анкета на ОБСЕ, исто така нотира дека судиите самите укажуваат на присутност на притисоци и несоодветни влијанија. Загрижувачка, како што вели Адеми, беше и констатацијата за недовербата кон Судскиот совет, за што мора да се посвети повеќе внимание во иднина.

-Политичките притисоци и влијанија како појава се нотирани и од граѓанските организации кои ја следат работата на судството. Преку медиумски написи, изјави или интервјуа, на постоење на политички притисоци или пак притисоци од другите власти, укажаа и судии, вклучително и судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, истакнува Адеми.

На притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања, како што вели, укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Според Адеми, и покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело.

-Законските одредби на кои се повикувате во поканата до претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, иако погрешно цитирани и во двете верзии, беа и тогаш во важност. Претпоставувам и тогаш имаше потреба од итно и без одлагање да се разгледа прашањето за притисоците и влијанијата во органот на судството кој ја гарантира независноста на судството, посочува Адеми.

Во врска со структурата и целта на поканата, како што вели Адеми, треба да се напомене дека доставувањето покани и организирање работни средби за новинарски написи и интервјуа ниту е соодветно, ниту пак на тоа упатуваат надлежностите на Судскиот совет.

Оттука, додава таа, ваквиот пристап не е во насока на исполнување на законските цели за заштита на судството, како темелен принцип, утврден и во мислењата на Консултативниот совет на европски судии и во меѓународните документи за независно судство.

-Треба да се има предвид дека работата на Врховниот суд позитивно е оцената во меѓународните извештаи и особено е образложена во Извештајот на Европската унија. Утврдувањето на начелниот став за објавување на неправосилни одлуки како голем придонес за транспарентноста и видливоста на правдата во согласност со стандардите и практиката на Европскиот суд за човековите права, беше истакнат и во Извештајот на Стејт департментот. Од тие причини, Врховниот суд има поддршка и охрабрување во остварувањето на своите заложби, а независноста на судството е една од нив, истакнува Адеми.

Во соопштението Адеми укажува дека политичките влијанија во судството како присутна појава и важно општествено прашање, потребна е поширока јавна расправа бидејќи се работи за проблем кој ја тангира државата и граѓаните, а со тоа и другите власти и чинители.

-Мојот став за непочитувањето на уставното начело на поделба на власта го искажав и при подготовката на новата Стратегија за реформи во правосудниот сектор. Тоа е основата на сите предлози на Врховниот суд за подобрување на законите. Целта е да се минимизираат и елминираат сите обиди за надворешни притисоци, вели Адеми.

Посочува дека за неа како претседател на Врховниот суд како највисок суд во државата кој е носител на судската власт, а согласно член 3 од Законот за судовите, најважно е, посебно во овој клучен период за Република Северна Македонија, да ги оствари и заштити целите и функциите на судска власт, а тоа е непристрасно применување на правото и на владеењето на правото. аа/дма/

Фото:МИА архива

 

 

Остани поврзан