• понеделник, 23 декември 2024

Прес во Владата на Србија: Ова е незапамтена трагедија, прогласена тродневна жалост по убистото на осум ученици и чувар

Прес во Владата на Србија: Ова е незапамтена трагедија, прогласена тродневна жалост по убистото на осум ученици и чувар

Белград, 3 мај 2023 (МИА) – Осум деца и лице за обезбедување се убиени, ранети се седум лица, од кои шест деца и еден учител, а две од децата се во критична состојба. Убиецот е ученикот од седмо оделение (К.К.) на возраст од 14 години од ОУ „Владислав Рибникар“ на Врачар, во Белград, која оваа незапамтена трагедија ја планирал еден месец и тоа до најситен детал, беше соопштено на денешната вонредна прес конференција во српската Влада, јави дописникот на МИА од Белград.

Посебно обраќање до јавноста најави и претседателот Александар Вучиќ, вечерва во 18 часот.

Началникот на белградската полиција Веселин Милиќ на прес конференцијата рече дека осомничениот сам се пријавил на полицијата да каже дека застрелал неколку луѓе.

-Според досега собраните информации, ученикот К. К. подолг временски период го планирал извршувањето на ова кривично дело. Мотивот се уште не е утврден, ниту пак тој не го кажал. Датумот 3 мај 2023 година го избрал затоа што училницата по историја била во близина на влезот на училиштето, каде неговиот клас VII-2 го имал првиот час. Огненото оружје, пиштолот со калибар од 9 милиметри, со три рамки, како и малокалибарски пиштол, гиз ел од станот на татко му, го ставил во торба, а подготвил и понел и четири молотови коктели, изјави Милиќ.

Тој додаде дека веднаш по пристигнувањето во училиштето, убиецот го извадил пиштол и го застрелал обезбедувачот Д. В. по што ги нападнал децата и А. Б.

-Пукал кон А.Б., кој стоел покрај масата, како и кон С.Н., кој бил покрај клавирот, и го убил. Потоа продолжил низ ходникот до училницата по историја, каде по пат ја заменил рамката, влегол во училница и веднаш пукал од врата кон наставникот и останатите ученици. Потоа ја напуштил училницата, отишол во училишниот двор, каде ја вади рамката од оружјето, вика полиција и после тоа ние го апсиме, изјави Милиќ.

Шефот на полицијата го покажа списокот на деца што сторителот го составил и училишниот план на кој ги определил приоритетните цели и начинот на влегување во паралелките со бројот на деца што планирал да ги убие во секое одделение.

Министерот за образование Бранко Ружиќ на прес-конференција соопшти дека Владата на Србија донела одлука за тридневна жалост на целата територија на Србија, почнувајќи од петок, 5 мај до недела, 7 мај и дека денеска е откажана наставата во попладневната смена, а утре ќе започне со едноминутно молчење.

-Изразувам најдлабоко жалење за најголемата трагедија што ја снајде Србија и нашиот образовен систем. Никој не може да ги врати децата на нивните родители. Безбедносниот прстен постоеше, функционирал видео надзорот, а присутен бил и училишниот полицаец. Благодарност до здравствените работници, го молиме Господ да им помогне на сите, изјави тој.

Министерот истакна дека, за жал, Србија е дел од светот каде се почесто се случуваат вакви работи.

-Евидентно е канцерогеното, погубно влијание на интернетот, видео игрите, таканаречените западни вредности и на сите ни е јасно дека е потребен голем пресврт, заострување на мерките, но и систематско изнаоѓање решенија, рече Ружиќ.

Министерката за здравство Даница Грујичиќ им изрази сочувство на родителите кои денеска ги загубија децата и им се заблагодари на здравствените работници кои излегоа на терен.

-За 40 години работен стаж ова е можеби моето најстрашно искуство како лекар и како човек, изјави Грујичиќ.

Зборувајќи за состојбата на повредените, министерката рече дека шест деца и една наставничка се во здравствените установи во Белград - три деца во Тиршова, четири пациенти во Ургентниот центар.

-Двете момчиња кои се во Тиршова се здобиле со повреди на долните екстремитети, тие се стабилни и надвор од животна опасност, додека девојчето кое се здобило со прострелна рана во главата е критично. Направено е се што можеше да се направи, но повредата е голема и се уште се борат за нејзиниот живот, рече министерката.

Во Ургентниот центар има три деца, девојче со прострелна рана во пределот на стомакот и повреди на раката. Таа е во стабилна состојба.

-Момчето кое се здоби со прострелна рана низ градниот кош и вратот има повреда на рбетот, 5-ти и 6-ти вратен пршлен и е најтешко повреден. Операцијата се уште е во тек, ќе мора да има повеќе интервенции, нешто сега , нешто подоцна, рече министерката.

Наставничката е во критична состојба. Таа има повреди на карлицата и раката и се уште е на операција. об/сд/

Остани поврзан