• четврток, 21 ноември 2024

Пренџов: Од наредната година граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за струја за најмалку 5 отсто

Пренџов: Од наредната година граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за струја за најмалку 5 отсто
Скопје, 15 јули 2021 (МИА) - Пратеникот од Коалицијата „Обнова за Македонија“ Љупчо Пренџов изјави дека денеска на седница на Собранието е законот за намалување на ДДВ на електрична енергија од 18 на пет отсто. -Електричната енергија веќе е поскапена за повеќе од 12 отсто во 2021 година, а за потсетување лани покачувањето беше 7,5 отсто, односно цели 20 отсто за 12 месеци во услови на економска криза. Причините за поскапување на електричната енергија се во криминалите во РЕК Битола и Електрани на Македонија. Електрани на Македонија во 2017 година на еден ден пред доаѓањето на власт на оваа гарнитура беше во плус над 25 милиони евра. Денес истото тоа државно претпријатие е во минус од 16,8 милиони евра, а дополнително на овие средства и АД МЕПСО прокнижило загуба од 6 милиони евра, изјави Пренџов. Ова, како што посочи, се суми коишто се јавно објавени од страна на власта или со други зборови за четири години само во овие државни претпријатија недостасуваат повеќе од 47 милиони евра. Според него, зголемувањето на струјата се должи на, како што рече, сомнителни, коруптивни и криминални зделки во енергетските компании во сопственост на Република Македонија. -За покривање на загубите од овие зделки власта манипулира со граѓаните дека со намалувањето на ДДВ од 18 отсто на 5 отсто ќе остане иста цената на електричната енергија, но тоа е само за период од една година. Веќе од наредната година граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за електрична енергија за најмалку 5 отсто, а од 2023 година сметките за електрична енергија ќе бидат повисоки за најмалку 12,5 отсто, рече Пренџов. Додаде дека додека СДСМ е на власт, цената на електричната енергија ќе расте. мд/ац/

Остани поврзан