• среда, 03 јули 2024

Премиерот на Нов Зеланд во посета на Кина за да ги зајакне економските врски

Премиерот на Нов Зеланд во посета на Кина за да ги зајакне економските врски

Пекинг, 27 јуни 2023 (МИА) – Премиерот на Нов Зеланд, Крис Хипкинс денеска во Пекинг разговараше со кинескиот претседател Си Џинпинг за продлабочување на врските меѓу двете земји.

Хипкинс, кој е во петдневна посета на Кина, наведе дека фокусот на средбата со Си бил „да се реафирмираат блиските економски односи, да се поддржат фирмите да ги обноват своите врски со кинеските колеги и да им се помогне да се развијат нови за поддршка на економското закрепнување на Нов Зеланд“.

За утре е предвидено Хипкинс да се сретне со кинескиот премиер Ли Кечијанг.

Хипкинс пред петдневната посета на Кина односите помеѓу Велингтон и Пекинг ги опиша како „критичен дел од економската обнова“ на Нов Зеланд.

Економијата на Нов Зеланд и официјално влезе во рецесија овој месец. Официјални лица изјаија дека Кина е клучен партнер за трите двигатели на Нов Зеланд на постпандемиското економско закрепнување: извозот, туризмот и образованието.

Кина е најголемиот извозен пазар на Нов Зеланд, а Велингтон со текот на годините успеа да одржува подобри врски со Пекинг од некои негови западни сојузници како Австралија.

Си ја пофали „големата важност“ на врските меѓу Кина и Нов Зеланд, посочувајќи оти посетата на Хипкинс е „многу значајна“.

Хипкинс денеска присуствуваше на состанокот на Светскиот економски форум во кинескиот пристаништен град Тијанџин заедно со други странски претставници и присуствуваше на потпишувањето договори од четворица извозници од Нов Зеланд и нивните кинески партнери. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан