• петок, 22 ноември 2024

Премиерот Ковачевски учествува на Безбедносниот форум Глобсек 2023 во Братислава

Премиерот Ковачевски учествува на Безбедносниот форум Глобсек 2023 во Братислава

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски учествува на Глобалниот безбедносен форум Глобсек 2023 во Братислава. Предвидено е Ковачевски да се обрати на панел сесија на тема „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“ на кој во фокус на дискусиите ќе биде регионалната соработка, интеграцијата на регионот во ЕУ и предизвиците за Европа од војната во Украина.

Најавено е на маргините на собирот, Ковачевски да има билатерална средба со францускиот претседател Емануел Макрон, како и со други учесници на Форумот.

Вчера, на првиот ден од Форумот, премиерот Ковачевски се сретна со специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак при што ја потенцираше заложбата на Владата, Северна Македонија, како и досега, да придонесува за унапредување на регионот, како и за неговите мир и стабилност. Премиерот истакна дека нашата држава има цврста определба за зајакнување и унапредување на добрососедските односи и преку дијалог и соработка меѓу државите и се етаблираше како држава фактор на стабилност во регионот.

Ковачевски ја нагласи максималната посветеност на Владата на реформскиот процес во земјава, како и на процесот на пристапни преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, потенцирајќи дека брзото членство на земјите од Западен Балкан во Унијата би спречило чувствителните точки во регионот да ја нарушат безбедноста и стабилноста, а со тоа и да го закочат неговиот економски развој.

Ковачевски и Лајчак истакнаа дека во државата е потребен политички дијалог и сите општествени, политички, невладини, граѓански чинители во државата потребно е да постигнат консензус со што не би се кочел процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ и повикаа на итна деескалација на состојбата во Косово и враќање на мирот и стабилноста.

На собирот во Братислава присуствува и министерот за надворешни работи и актуелен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, кој вчера се обрати на панелот посветен на иднината на проширувањето на Европската Унија. 

Османи во обраќањето посочи дека иако целосното пристапување во ЕУ може да потрае неколку години, на земјите кандидати за членство во Унијата им требаат краткорочни, но веродостојни и реални привремени чекори со цел унапредување на економијата, поврзувањето и демократските процеси.

- Членството во Енергетската и Транспортната заедница, заедно со визната либерализација, беа добри примери како да се извезат правила до кандидатите пред полноправното членство во ЕУ. Постепеното проширување на оваа интеграција во други области ќе промовира стабилност, предвидливост и доверба во нашите меѓусебни односи, нагласи Османи елаборирајќи го концептот „повеќе интеграција пред членство”.

Според Османи, целта на овој концепт е да им се дозволи на земјите од Западен Балкан пристап до фондовите, како и набљудувачки позиции во европските институции, со крајна цел земјите од Западен Балкан да развиваат капацитети, компатибилни со европските вредности и конкурентноста на пазарот.

Although full EU membership may take several years, EU candidate countries need short-term but credible and realistic temporary steps to improve the economy, connectivity and democratic proce

- Ова не е алтернатива за полноправно членство, туку нешто корисно за нашите граѓани на нивниот пат кон членството, како што е прогресивната интеграција на единствениот пазар, на пример слободно движење на стоки, олеснување на трговијата меѓу регионот и ЕУ преку намалување и отстранување на преостанатите царински тарифи и квоти вклучувајќи ги земјоделските производи и преку обезбедување ослободувања од трговските мерки, бесплатно снабдување на услуги и движење на капитал, вклучување во идни ориентирани трговски и даночни политики итн, додаде Османи.

На маргините на Форумот, Османи вчера имаше повеќе средби со учесници на Глобсек 2023, меѓу кои и со словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Влаховски и специјалниот пратеник на Франција за обнова и помош на Украина, Пјер Ејброн.

Инаку, на Форумот во Братислава, учествуваат шефови на држави и влади од Европа и светот, како и претставници на најзначајните и највлијателни меѓународни организации.

Во фокус на дискусиите на Форум се натамошната поддршка за Украина, отпорноста на Европа наспроти војната, како и ублажувањето на глобалните последици од конфликтот преку зајакнување на економските и енергетските врски.

Безбедносниот форум на Глобсек е етаблиран како најистакната платформа низ регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Годинашното 18 издание на Форумот има за цел да го потсети светот дека овој регион никогаш не бил поклучен во обезбедување на глобалната стабилност. сп/аа/

Остани поврзан