• понеделник, 23 декември 2024

Премиерна изведба на музика за немиот филм „Уцена“ во Кино Милениум

Премиерна изведба на музика за немиот филм „Уцена“ во Кино Милениум

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) - Премиерната изведба на музичката композиција на Нил Бранд за немиот филм на Алфред Хичкок „Уцена“ од страна на студентите од Институтот FAME’S ќе биде изведена вечерва од 20 часот во кино „Милениум“.

Како што информираат од Кинотека на Македонија, изведбата е во рамките на Фестивалот на нем и класичен филм на Кинотека на Македонија, во соработка со Кино Балкан и ќе биде водена од маестро Мириан Хухунаишвили.

- Оваа изведба ќе биде финале на еднонеделниот оркестарски курс со наслов „Филмска Музика“ во рамки на програмата на Институтот FAME’S, поддржана од Креативна Европа, кој ќе им овозможи на студентите да стекнат искуство од областа на филмската музика и да работат под менторство на диригент со светска репутација, велат од Кинотека. 

Хухунаишвили е коосновач и музички директор на Младинскиот оркестар од Тбилиси и има диригирано водечки интернационални оркестри, вклучувајќи го и Кралскиот оркестар Концертгебау и Филхармонијата од Осло.

Уцена, еден од раните неми филмови на Хичкок, ја следи приказната на жена која е вовлечена во заговор за уцена откако ќе убие човек во самоодбрана.ар/мд/

Фото:Кинотека

Остани поврзан