Премиера на филмот „Утре наутро“ од Јани Бојаџи пред скопската публика
- Филмот „Утре наутро“ во режија и по сценарио на Јани Бојаџи вчера беше премиерно прикажан пред скопската публика која исполни четири сали во Синеплекс. Приказната за две жени кои бараат доволно причини, едната да замине, а другата да остане во земјата, полни со надеж дека утре наутро ќе биде подобро од денеска, ја погледнаа бројни претставници на политичкиот и културниот живот во земјава.
Скопје, 20 ноември 2025 (МИА) - Филмот „Утре наутро“ во режија и по сценарио на Јани Бојаџи вчера беше премиерно прикажан пред скопската публика која исполни четири сали во Синеплекс. Приказната за две жени кои бараат доволно причини, едната да замине, а другата да остане во земјата, полни со надеж дека утре наутро ќе биде подобро од денеска, ја погледнаа бројни претставници на политичкиот и културниот живот во земјава.
- Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени, вели Бојаџи.
Аида, млада докторка Ромка е силувана од нејзин постар колега, влијателен хирург. Корумпираниот суд ја отфрла нејзината тужба со образложение дека за време на настанот таа не давала доволно силен отпор. Јоана Пеласка, сопругата на поранешниот премиер и нејзините деца се прогонувани заради видео фајл на кој се гледа што се случило во нивната куќа вечерта кога американскиот амбасадор од таму ќе украде мала бронзена античка фигурина на која е претставено „Силувањето на Европа“.
Аида од жртва се претвора во насилник, а Јоана од насилник се претвора во жртва. Откако ќе им се вкрстат животните патишта, двете жени бараат доволно причини - едната да замине, а другата да остане во Македонија и се ќе се преврти наопаку откако малолетниот син на Јоана ќе убие полицаец на должност...

Сценарист и режисер е Јани Бојаџи, извршен продуцент Дејан Милошевски, директор на фотографија Дарио Секуловски, монтажер Давид Дулев, продукциски дизајнер Јани Бојаџи, сценограф Гоце Попов, костимограф Зорка Тодорова и шминкер Ирена Сенокозлиовска. Музиката е на Јани Бојаџи.
Во главните улоги настапуваат Нина Деан и Ирена Илиевска, а во останатите улоги Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска и Димитрина Мицкоска.
Од денеска почнува прикажувањето на филмот низ државава. Денес веќе ќе може да се погледне во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка.
Продуценти се Синемон медија фактори, Револушн продакшн во соработка со Алфа Национална телевизија. бак/