• понеделник, 23 декември 2024

Премиера на претставата „Пинокио“ на драмското студио „Миладин“

Премиера на претставата „Пинокио“ на драмското студио „Миладин“

Струга, 7 јуни 2024 (МИА) - На сцената во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ в недела премиерно ќе биде изведена детската претстава „Пинокио“ во изведба на членовите на драмското студио „Миладин“.

Режијата е на Ристе Миладин, кој ќе го игра и стариот Џепето, а во улогата на Пинокио ќе биде Мила Бојческа. Штурецот ќе го игра Сара Стефановиќ, самовили ќе бидат Михаела Јаканоска и Ана Миладинова, циркузант Анна Гук, Фитилка Ива Шајноска, а нема да изостанат ниту разбојниците и учениците.

Режисерот Ристе Миладинов за МИА посочи дека интензивно се подготвуваат да ги остварат очекувањата на струшката публика, која, според него, секогаш ја полни салата во Центарот за култура кога имаат претстава.

- Претставата е инспирирана од познатата лектира „Пинокио“. Сите ја знаете приказната за дрводелецот Џепето, кој одлучува да направи дрвена марионета, кукла која ќе личи на вистинско момче. Со помош на самовилити, тоа дрвено момче се претвора во вистинско. Така настанува палавиот, непослушен Пинокио, кој, откако ќе избега од дома, доживува секакви незгоди, наивно паѓајќи во замки и едвај спасувајќи глава од секакви опасни ситуации. Сепак, на крајот Пинокио ќе покаже дека умее да биде и вреден, послушен, храбар, грижлив и приврзан. Тоа е содржината и на оваа претстава, секако адаптирана во драмски текст, изјави Миладин.

Почетокот на премиерата е закажан за 18 часот, а билетите ќе чинат 100 денари. сс/мд/

Остани поврзан